Покојниот водител на Би-Би-Си Џими Севил е осомничен за 199 кривични дела, вклучително повеќе десетици случаи на силувања, соопшти британската полиција.
Полицијата наведува дека ваков степен на обвиненија за сексуално злоставување досега не е забележан во Британија.
Во соопштението на полицијата се истакнува дека е во тек составување на извештај за активностите на Севил врз основа на сведочењата на жртвите, додека конечниот извештај треба да биде објавен на почетокот на идната година.
Досега Џими Севил е осомничен за 31 случај на силувања. Во рамките на истрагата против него досега се приведени седум лица поради испитувања меѓу кои и познатиот музичар Гери Глитер.
Јавниот сервис на Велика Британија е потресен од голем скандал откако во јавноста се појавија неколку жени со тврдења дека популарниот ТВ водител на детски емисии ги злоставувал додека како мали учествувале во неговата програма.