Министрите за енергетика на земјите членки на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) денеска на состанокот во Виена се договорија да го задржат постоечкото ниво на производство, а изгласаа и генералниот секретар Абдулах Ел-Бадри да остане на оваа функција уште една година, изјави министерот за енергетика на Саудиска Арабија Али ал-Наими.
Тој по завршетокот на министерскиот состанок на ОПЕК истакна ќе „ќе се задржи моменталното производство“, кое изнесува 30 милиони барели дневно.
Министрите, исто така, гласале Ел-Бадри уште една година да ја извршува функцијата генерален секретар, и покрај тоа што веќе одработи два мандата, бидејќи не можеле да се согласат кој да го замени.
Тројца кандидати конкурираа за лидерското место во ОПЕК: поранешниот саудиски гувернер во ОПЕК Маџед ал-Мониф, поранешниот ирански министер за енергетика Голам Хосеин Нозари и поранешниот ирачки министер за нафта Тамир Гадбан.