Изложба на минијатури од порцелан и керамика на уметникот Филип Фидановски ќе биде отворена вечер во ЕУ Инфоцентарот во Скопје. Насловена е „Пикасо можеби јас -минијатура“ и е продолжение на изложбата која во октомври 2016 беше поставена во Музеј на град Скопје.
Ќе бидат претставени 16 скулптури изработени во стандардна керамичка техника и порцелан, енгоба и глазуре, печени на 1100 Целзиусови степени. Покрај 15 минијатури, ќе биде повторно изложена скулптурата „Жената од Скопје“ – инспирирана од сликата на Пабло Пикасо која е во сопственост на Музејот на современата уметност во Скопје.
Покровител на изложбата на Фидановски е Амбасадата на Шпанија во Македонија и „Божиновски часовници и накит“. Ќе ја отвори шпанскиот амбасадор Рамон Абароа Каранса.
Авторот Фидановски изјави дека оваа изложба на крајот на мај и почетокот на јуни ќе гостува и во Битола. За изложбата е отпечатен и каталог во кој се застапени сите негови дела.