Претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, ја повлече својата оставка од функцијата.
Двете точки од дневниот ред на 73-тата седница на Советот на општина Центар, оставка на претседателот Шиповиќ и избор на нов претседател на Советот, самиот ги повлече од дневниот ред.
Претставникот на советничката група од СДСМ, Ѓошо Вангелов, пред самиот почеток на седницата го повика Шиповиќ да ја повлече оставката и побара да најдат заеднички јазик со градоначалникот, бидејќи тоа, рече, било од интерес на сите.
Шиповиќ побара 10 минутна пауза за размислување и го повика Жерновски на консултација. По неколкумиутната средба, претседателот на Советот ја повлече оставката, како и втората точка, на која требаше да се избере нов претседател на Советот.
Во изјава за медиумите, Шиповиќ рече дека одлуката за повлекување на двете точки кои се однесуваат на неговата оставка, ги донел по консултации со советничката група на СДСМ.
Советничката група се состанувала повеќе пати и со ова, рече, се остава простор да се надминат недоразбирањата.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, изјави дека очекувал на денешната седница да се избере нов претседател на Советот, а дека повлекувањето на оставката од страна на Шиповиќ е негов индивидуален чин. Познато е, посочи Жерновски, дека недоразбирањата се од пред 2 и пол години, кога ВМРО-ДПМНЕ го изгласа спорниот ДУП на Водно, кој овозможи изградба на десетокатница и улогата на Шиповиќ во носењето на овој ДУП.