Националната установа универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола, свеченостите посветени на годишнината од нејзиното формирање во овој град ги заврши со отворање ликовна изложба „Ликовни одблесоци – сеќавање на творештвото на Борислав Талевски“.
Според Лилјана Христова, историчар на уметност, Талевски цел живот го посветил на ликовната уметност, живеел за неа и за сите љубители на ликовната уметност.
-Настаните посветени на ликовни уметници кои заминале од овој свет се ретки, а денешниот настан беше одлична можност да се потсетиме на животот и делото на Борислав Талевски, истакна Христова.
Пригодно обраќање на свеченото отворање на изложбата приреди и Драган Најденовски – претседател на Друштвото на ликовните уметници на Битола, кој поведе иницијатива за печатење публикации, монографии или фотомонографии посветени на истакнатите ликовни уметници од овој град.
-Талевски во вистинска смисла на зборот беше уметник. Беше човек со харизма, несекојдневен човек кој многу придонесе за битолската и македонската ликовна уметност, посочи Најденовски
Годишнината од формирањето на Библиотеката во Битола се одбележа со низа програмски активности, кои, како што рече Лили Бошевска, директорка на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола, се составен дел на историскиот континуитет, а со секој новитет само се дополни богатата историја на таа национална установа.