Британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис изјави за телевизија Скај Њуз дека премиерот Тереза Меј не и се заканува на ЕУ.
Во разговор за оваа британска телевизија, Дејвид објасни дека Меј „не ја користи безбедноста за подобро да се испазари“ во преговорите со ЕУ.
– Она што премиерот Меј го порача е дека ако не обезбедиме договор (за Брегзит) тоа нема да биде добро и за двете страни, истакна министерот Дејвис за Скај Њуз, настојувајќи да ја смири бурната реакција од Брисел.
Ваквото објаснување на Дејвис, кој е главниот британски преговарач во процесот за разделување, што се очекува да почне во втората половина од мај, доаѓа по обвинувањата од ЕУ, но и од некои лондонски весници, дека премиерот Тереза Меј и се „заканува и ја уценува ЕУ“ уште на самиот старт на долгиот преговарачки процес.
Станува збор за делот од писмото на Меј до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск од 29 март, во кое таа предупредува дека ако Британија „биде присилена да излезе од ЕУ без да се постигне договор, ќе биде ослабната идната соработка во борбата со тероризмот и крминалот“.
Ваквата порака во писмото за Брегзит, во Брисел и во главните европски престолнини беше разбрано како уценување и како британска закана до сите земји што остануваат членки на Унијата.
Во разговор за Скај, членот на преговарачкиот тим на ЕУ, Ги Верховштад рече дека заканите од Лондон, пред воопшто и да почнат преговорите, се целосно неприфатливи.
– Голема грешка е ако вака го започнеме преговарачкиот процес – со злоупотреба на безбедноста, за да Британија обезбеди за себе поповолни услови во конечниот договор, рече Верховштад.
Антиевропските лондонски таблоиди ја подржуваат „тврдата позиција“ на Меј кон Брисел и порачуваат дека владиниот став до Унијата треба да биде – тргувајте со нас, па ние ќе ви помагаме во војната со тероризмот – што би требало да биде британското орудие за да се натерала ЕУ да се согласи на договор за слободна трговија.
Во исто време со писмото на Меј до Брисел, се огласи и министерот за внатрешни работи Амбер Рад, која заканата од премиерот ја надополни со предупредувањето дека постои можност за излез на Британија од Европол и со запорање на делењето разузнавачки податоци со земјите од ЕУ, ако не се постигне договор во преговорите за Брегзит.
Според тв Скај, министерот Дејвид Дејвис сега се обидува да ја смири атмосферата која е создадена во британската престолнина , за да се обезбеди мирен старт на преговорите.