Референдумот за проектот за нов устав на Египет ќе се одржи на 15 и на 22 декември, наместо само на 15, објави денеска државната телевизија.
– Врховната изборна комисија одлучи референдумот на египетска територија да биде организиран во два дена. Тој ќе се одржи во сабота на 15 декември и наредната сабота на 22 декември, соопшти телевизијата.
На половина милион Египќани кои живеат во странство од денеска ќе можат да гласаат за предлог-уставот. На територијата на 150 амбасади се организирани гласачки места, каде 586.000 регистрирани избирачи ќе можат да се произнесат „за“ или „против“ проектот за новиот устав, изготвен од исламистите, кој наиде на протести од опозицијата.