Од партијата ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение реагираа на соопштението на СДСМ за лошата ситуација во македонското здравство.
„СДСМ како по правило кога нема одговор за прашањето дали ќе се откаже од Тиранската Платформа, испраќа соопштенија со манипулации и конструкции.
Затоа Граѓаните со право се плашат за иднината на својата земја.
Но кога веќе СДСМ сака да зборува за здрватсвото, тогаш треба да има предвид дека граѓаните многу добро паметат каква катастрофа остави СДСМ последниот пат кога можеше нешто да направи за здравството.
СДСМ нема кредибилитет да зборува за ГОБ „8 Септември“, старата воена болница која СДСМ ја остави на забот на времето, без ниту еден нов апарат, без ниту една закована шајка за реконструкција на болницата, без ниту еден доктор на едукација или воведена нова метода во болницата. Во време на СДСМ не можело да стане збор за унапредување на основните услови за работа на докторите во болницата, а не пак за воведување нови методи кои воопшто не се работеле во болницата, како интервентна кардиологија и интервентна радиологија.
Факт е дека оваа болница прерасна во градска општа болница, столб на секундардната здравствена заштита во градот Скопје и околината, во која само во изминатите неколку години е инвестирано како никогаш претходно.
Болницата почнала да работи со 374 лица, а сега во неа работат над 800 лица. Повеќе од двојно е зголемен вкупниот број на кадар (доктори, медицински сестри, и останат персонал).
Вработени се нови 115 доктори, а 30-тина специјалисти се преземени од приватно здравство.
Досега се реализирани над 160 едукации во странство на кадарот од оваа болница, со што се воведени над 20 нови методи кои претходно не се работеле во установата, а дел од нив се за првпат воведени и во државата. За првпат во установата се воведени и интервентна кардиологија и интервентна радиологија.
Инвестирани се над 13 милиони евра во опрема и реконструкција на оваа установа, при што само за нова најсовремена медицинска опрема се инвестирани над 10 милиони евра, со што сите оддели во болницата се опремени со најсовремени дијагностички, операциони и интервентни апарати.
Комплетно се реновирани 7 одделенија во болницата – инвестиција во вкупна вредност над милион евра. Комплетно е реновиран базенот и одделот за хидротерапија, а во тек се градежните работи за изградба на бункер за акцелератор во оваа установа – инвестиција вредна околу 50 милиони денари само за изградбата на бункерот, односно над 2 милиони евра заедно со набавката на акцелераторот, со што ќе овозможиме за првпат во оваа установа пациентите со малигни заболувања да добиваат зрачна терапија.
Со сите овие инвестиции, комплетно е сменет ликот на оваа болница во изминатите неколку години.
Нема потреба СДСМ да се грижи за болницата и воопшто за здравството затоа што нема кредибилитет, a нема ни причина.
Граѓаните лично на сопствена кожа го почувствувале нивното здравство. Инвестиции сведени исклучиво на донации! Така тие го замислуваат и практикуваат здравството за кое што денес се наводно загрижени.
Граѓаните паметат и знаат што значат нивните празни ветувања, чија цел е само да се дограбаат на власт. Нема да им помине нивната лажна загриженост“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.