Штипската организација на жени и Здржението „Без граници 21 век“ од Ќустендил – Бугарија почнаа со реализацијата на проектот „Дигитална природа“, финансиран од Фондовите на Европската унија.
Виолета Ничева – Тиквешанска координатор на проектот на денешната прес-конференција рече дека целта е на веб страница да се прикажат 100 природни објекти од источна Македонија и од Благоевградскиот регион заедно со Ќустендил во Р. Бугарија.
Во наредниот период ќе се прават фотографии и ќе се собират информации за планините, езерата, водопадите, пештерите, интересни ретки животни и растенија и сите природни објекти, кои ќе бидат поставени на веб-портал и на социјалните мрежи на македонски, бугарски и англиски јазик.
– На интернет страницата ќе бидат прикачени сите дигитални содржини, кои се собрани во првата активност, односно видео клипови, панорама од 360 степени, виртуелни прошетки, воздушни снимки со дрон, со што ќе следи и детален опис на објектите со ЏПС координати, вели Ничева- Тиквешанска.
Таа истакна дека покрај описите и фотографиите за 100-те природни објекти од двата региони за туристите ќе има и информации за најблиските хотели, ресторанти, туристички и спа центри, такси компании, автобуски станици, туроператори. Во текот на имплементацијата на проектот двете здруженија ќе формираат фотографски клубови во Македонија и Бугарија, а членови ќе бидат професионални фотографи, но млади лица кои ќе поминат обуки за фотографирање, а ќе имаат и „Фото сафари“.
Каталозите од проектот „Дигитална природа“ ќе бидат дистрибуирани до сите туристички агенции и општини во источна Македонија, а на завршницата на проектот Организацијата на жени – Штип ќе организираат Саем на дигиталната природа. Здржението „Без граници 21 век“ од Ќустендил-Бугарија ќе организира Фестивал на дигиталната природа.
Претседателката на Организација на жени-Штип, Наташа Ицева вели дека овој проект е продолжение на проектот „Дигитална култура за регионално зближување“. Буџетот на проектот „Дигитална природа“ е 118.652 евра, а се реализира 14 месеци.