Од денеска до сабота на Скопскиот саем ќе се одржува „Винскиот фестивал 2012“. Посетителите четири дена ќе имаат можност да дегустираат различни видови вино од македонските визби, но и да пробаат млечни и месни производи од најдобрите во земјава.
Програмата предвидува попладневни ди-џеј забави од 17 до 21 часот секој ден кои потоа продолжуваат до 1 часот по полноќ со настапи на повеќе познати имиња од домашната сцена, Силви бенд, Сешн селекшн, Жаклина Стефковска, Стринг форсис, Аренси бенд, Нокаут, Скопски чалгии и Кумановски тамбураши со Нино Величковски.
На Винскиот фестивал, што сите четири дена ќе се одржи во Метрополис арената, се регистрирани 30 учесници, винарски визби и производители на млечни и месни производи. Нивниот асортиман ќе биде достапен за купување на самото место. Цената на билетот за фестивалот е 100 денари, а посетителите со секоја купена влезница добиваат и гратис чаша за вино.
Винскиот фестивал е манифестација што првпат беше организирана минатата година како иновативен концепт кој на сите посетители и љубители на виното треба да им овозможи богато винско искуство со богата музичка програма.