Се уриваат десетина стари градби кои ја попречуваат изградбата на улиците во Пехчево, со цел да се добијат широки улици и да се изградат тротоари на улиците. Градоначалникот Игор Поповски истакна дека станува збор за стари руинирани објекти или помошни простории кои никој не ги користи.
– Овие објекти ја попречуваа изградбата, а ако ги оставиме, улицата нема да биде безбедна и да го добие планираниот изглед. Исто така, овие објекти и самите претставуваа опасност, бидејќи можеа да се урнат во секој момент. Ние, како општина се договоривме со сите сопственици, да ги отстраниме овие стари објекти и да придонесеме во подобрување на урбаниот изглед на градот. Морам да истакнам дека никој од сопствениците не правеше проблем во врска со старите објекти и нивното уривање, рече Поповски.
Во Пехчево се реализира проектот за изградба и реконструкција на осум улици во градот со вкупна должина од 3 километри. Проектот е вреден 260 илјади евра, а средствата се обезбедени од Европската унија преку ИПА претпристапните фондови, администрирани според правилата на Светска банка. Изградбата на улиците треба да заврши за четири месеци.