Околу 100 дрвја денеска беа засадени на новоподигнатата зелена површина на раскрсницата на булеварот „Видое Смилевски Бато“ со булеварот „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче.
Градоначалниците на Град Скопје и општина Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски информираа дека акцијата со садење на дрвја ќе продолжи со засадување на еден милион дрвја.
Од планираните засадени дрвја Трајановски рече дека Градот обезбедил 250 илјади садници и дека во план е во наредните десет дена сите дрвца да бидат засадени.
Градоначалникот Коневски информираше дека покрај засадувањето на дрвцата, општината од понеделник ќе почне со инсталирање на системот за наводнување во паркот „Нинберг“ кој треба да биде поставен за петнеасет дена.
На новинарско прашање за укинатите ДУП-ови на општина Центар Трајановски рече дека општината донела програма за изглед на градби од интерес за Центар.
– Таа програма го опфаќа делот покрај Кејот почнувајќи од „Холидеј Ин“ па се до Телеком и таа програма е незаконски донесена, со оглед на тоа што е спротивна на Деталниот урбанистички план и треба да се однесува на градби, а не на партерно уредување, истакна Трајановски.
Појасни дека доколку програмата е законски донесена би требало да се иселат сите тераси од кафулињата покрај Кејот.
– Ова е политички маркетинг, а ги викнав сите кафанџии пред два дена и им ја објаснив за таа програма и начинот на кој што Центар сака да го направи овој хаос, рече Трајановски.
Посочи дека им кажал дека согласно на постојните законски прописи на Градот Скопје со општините, градот Скопје ќе им издаде одобрение за поставување на урбана опрема и тераси за оваа година додека е градоначалник.
– Како Управен одбор на ЗЕЛС добивме мислење од министерствата за правда и за локална самоуправа и согласно постојните законски прописи кои ги толкуваат тие две министерства, градоначалниците и советите на општините имаат мандат заклучно со 15 мај со оглед на тоа што во 2014 година се промени законот за избори, со тоа што локалните се поместија од март во мај, рече Трајановски одговарајќи на прашање за мандатот на градоначалниците.