Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија донесе Решение со кое за успешна се утврди понудата за преземање акции издадени од акционерското друштво – АД Конфекција и трикотажа “Единство” АД Струмица што ја дадоа лицата Димитар Поповски и Иљо Кузманов.
Понудата за преземање била прифатена од вкупно седум сопственици на обични акции со право на глас во “Единство” АД Струмица кои поседуваат вкупно 10.668 обични акции што претставува 26,4 отсто од вкупниот број обични акции со право на глас.
Врз основа на оваа понуда, како што наведуваат во соопштението од КХВ, преземачите се стекнале со 10.668 обични акции, па заедно со акциите што веќе ги поседувале имаат вкупно 30.862 обични акции или 76,40 отсто од вкупниот број обични акции (40.397), издадени од “Единство” АД Струмица. Преземањето на хартиите од вредност е извршено по цена од 303 денари по акција.
На денешната седница, со која претседатеваше претседателот на Комисијата Елизабета Чингаровска, КХВ обнови две дозволи за работење на брокер. Исто така, КХВ една издаде и една обнови лиценца за инвестициски советник.