Северна Кореја е одговорна за кражбата на 81 милион долари од сметка на Централната банка на Бангладеш, откриена во њујоршката филијала на американската Управа за федерални резерви, пишува весникот „Волстрит џурнал“.
Американското правосудство се подготвува да обвини кинески посредници, кои му помогнале на Пјонгјанг во кражбата, извршена преку хакерски напад во февруари минатата година. Хакерите успеале, користејќи систем за меѓународен трансфер СУИФТ, да префрлат од сметка на Централната банка на Бангладеш во филијала на Управата за федерални резерви во Њујорк, 81 милион долари на сметка на Филипините. Подоцна дел од парите исчезнале, а другиот дел бил испран преку казина. Хакерите се обиделе да префрлат уште 850 милиони долари, но њујоршката филијала на УФР го блокирал таквиот обид.
Според компјутерски експерти, за време на кражбата бил употребен софтвер, кој имал многу сличности со оној што бил користен за хакерскиот напад врз филмските студија на „Сони пикчерс“ во 2014 година, кој според американските власти бил дело на Северна Кореја.
Кражбата од Централната банка на Бангладеш е меѓу најголемите банкарски кражби во модерната историја.