Британската опозициска Лабуристичка партија е против тоа поранешниот министер за финансии Џорџ Озборн да биде и пратеник и новинар-уредник во лондонскиот весник „Ивнинг Стандард“.
Лабуристите бараат од Озборн да поднесе оставка на својата пратеничка функција во Парламентот, ако сака да работи како новинар.
Озборн, кој беше министер во Владата на Дејвид Камерон, од мај 2010 до јули 2016 година, поднесе оставка откако на референдумот за ЕУ, мнозинството Британци се определија за напуштање на Унијата.
Озборн, како и тогашниот премиер Камерон и поголемиот дел од членовите на Владата, вклучувајќи ја и актуелната премиерка Тереза Меј, се определија против Брегзит, согласувајќи се со аргументите на тогашниот министер за финансии дека напуштањетона на ЕУ не е во интерес на Велика Британија.
Озборн, кој сега е само пратеник на владејачката Конзервативна партија, ги отфрла барањата да се повлече од Парламентот, сметајќи дека нема ништо нелегално во неговата двојна улога како новинар-уредник на весник и член на Долниот дом.
Заменик лидерот на лабуристите Том Вотсон, меѓутоа, тврди дека во случајот на Озборн ќе дојде до судир на интереси, откако ќе почне да уредува весник и тоа уште повеќе ќе се истакне затоа што министер за дигитализација и култура е Мат Хенкок , кој е долги години професионално и политички поврзан со новиот уредник на „Ивнинг Стандард“.
Опозицијата обвинува дека преку оваа врска може да има влијание од Владата врз весникот и неговата уредувачка политика, но и да носи комерцијална добивка за сопствениците на весикот, Русите Александар и Сергеј Лебедев.
Засега не е јасно зошто Озборн, кој беше еден од најсилните кандидати за наследник на Камерон на лидерската функција во партијата на ториевците, одлучи да се преквалификува и во новинар, бидејќи освен пратеничката функција, има уште четири други (платени) работи во други сектори.
Тој е советник на инвестициската фирма „Блек Рок“, за која е ангажиран 48 дена годишно за хонорар од 650 илјади фунти, работи како предавач во Вашингтон, советник е на една британска фирма и е ангажиран за американскиот тинк-танк институт „Меккејн“.