Свети 40 маченици во Севастија (Младенци)
Празник на младоста и љубовта
Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера.
Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.
Житието за Светите четириесет маченици, како и повеќето народни преданија за нив, меѓусебно малку се разликуваат, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не сакале да се откажат од христијанската вера.
Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се премисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се.
Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.
Според друго предание војниците биле исечени со меч откако ја преживеале ноќта во студената вода, а според трето, езерската вода што се смрзнувала, кога ги фрлиле војниците почнала да се одмрзнува, светлосните венци над главите ги штителе од смрзнување. Војводата и другите мачители биле изненадени кога утрото ги виделе живи и пак ги фрлиле во водата откако претходно им ги скршиле коските. Но тогаш четириесетте маченици му се јавиле на епископот Петар и побарале нивните мошти да бидат извадени од езерото.
Споменот за четириесетте маченици нашол одраз и во македонските народни преданија.
Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) споменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“.
Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија.
Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневница, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.
Денес, многу од овие обичаи се заборавени. Но, сепак, празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.