Русија даде гаранции за лекување на Ратко Младиќ во Москва

Од:

Русија му дала официјална гаранција на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија за времено ослободување на поранешниот командант на Армијата на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, со цел да замине на лекување во Москва, објави белградскиот весник „Вечерње новости“.

Според неофицијални информации на кои се повикува весникот, адвокатите на Младиќ вчера поднеле барање до Хашкиот трибунал на нивниот клиент да му биде дозволено да замине на лекување во Русија.

Весникот посочува дека Москва веќе му дала гаранции на Трибуналот дека Младиќ нема да исчезне или да избега и дека по завршеното лекување ќе биде вратен во Хаг.

Според извори од Судот, на почетокот на март Младиќ имал сериозни здравствени проблеми поради што биле повикани лекари од Русија за да го прегледаат. Тие притоа констатирале дека холандските лекари кои се грижеле за здравјето на Младиќ, направиле пропусти во лекувањето и затоа препорачале тој итно да биде префрлен на болничко лекување, бидејќи, според нив, во затворот нема услови за потребниот медицински третман.

Седумдесет и петгодишниот Младиќ, кој има срцеви проблеми, за време на претстојот во затворот во Хаг преживеа еден инфаркт и неколку послаби удари, поради што неговата здравствена состојба е драстично влошена.

Хашкото обвинителство го товари Младиќ за геноцид, принудно иселување на цивили, масовни убиства, депортации и злосторства против човештвото за време на Војната во Босна и Херцеговина во првата половина на 90-те години на минатиот век.

Меѓу останатото, Младиќ е обвинет и за убиство на над осум илјади муслимани за време на масакрот во Сребреница.

Би можело да ве интересира

Белоусов: Руските вооружени сили ги „згазија“ најдобрите украински единици

Горан Наумовски

Русија: Сите боеви глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Таен прекин на летовите во дел од Русија

Медведев за лансирањето на „Орешник“ во Украина: Добивте тоа што побаравте

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот