Делегација на средношколци и професори од Белгија, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Шведска, Унгарија и Македонија денеска беше во посета на Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) каде им беа презенитирани поволностите што се нудат за младите во Македонија.
За програмите за вработување на младите, субвенциите од страна на државата, различните обуки и претприемништво за млади средношколците беа запознати од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Младинскиот образовен форум и Кариера.мк, а за можностите за вработување и програмите за поддршка на младите од страна на компаниите презентации одржаа Даути Комерц, Алма-М и Бентон Ни.
Настанот, како што информираат од Комората, е во рамките на програмата на Европската унија „Еразмус плус“ управувана од Европската комисија, чиј фокус се образованието, обуките, младите и спортот.
– Создавањето нови можности за образование и стекнување знаења и вештини за младите, ќе остане приоритет на Комората, а програмата е одлична можност за придонес и развој на младите, кој ќе резултира со конкуренција и поголем потенцијал како добра основа за развој на земјата, порача претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа.
Тој нагласи дека претприемништвото е движечка сила на секоја економија која промовира одржлив раст и развој и додаде дека СКСЗМ продолжува да го промовира претприемништвото кај младите и да ги мотивира да започнат свој бизнис.
Делегацијата на ученици ќе ја продолжи нивната посета кај компаниите-членки на Комората.