Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон замина во САД во обид да спречи британско-американска кавга околу обвинувањата од Вашингтон дека британска раузнавачка агенција го шпионирала претседателот Доналд Трамп, јавија лондонските медиуми.
Официјалната цел на посетата, според владини извори на кои се повикуваат медиумите, е да се почне со подготовките за разговори за договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и САД, кога Британците целосно ќе се повлечат од ЕУ, иако во текот на тридневната посета не е предвидено да се сретне со неговиот американски колега Рекс Тилерсон или со други високи функционери во Вашингтон.
Засега е познато дека Џонсон ќе има разговори со главниот стратег на Белата куќа, Стив Банон и со советнкот на претседателот, Келијан Конвеј.
Предвидено е со нив Џонсон да разговара само за тврдењето за британска „вмешаност“ во случајот со шпионирањето на Трамп пред да стане претседател, од кое Белата куќа не се откажува и покрај наодите на Конгресот и сведочењето на директорите на ФБИ и на НСА дека нема докази за такво прислушување.
По обвинувањето за Британците остро регираа комуникациската разузнавачка агенција, но и Даунинг стрит 10, кои ги отфрлија ваквите тврдења.
Медиумите во Лондон тврдат дека британската Влада е задоволна од соопштението на Белата куќа дека нема да го повторува ваквото обвинување.
Во британската политичка јавност се бара извинување од Американците, а некои медиуми во Вашингтон објавија дека имало и извинување за Британците.
Веднаш по сослушувањето на директорите на ФБИ и НСА пред сенатскиот Комитет за разузнавање, Белата куќа објави дека останува на претходните позиции на Трамп дека бил „прислушуван“ во текот на предизборната кампања.
Портпаролот Шон Спејсер во меѓувреме изјави дека немало и нема да има никакво извинување за Велика Британија.
Борис Џонсон ќе присуствува на специјалната министерска конференција на земјите кои се дел од коалицијата предвидена од САД, која војува против Исламска држава (ИД). Британскиот министер ќе ги посети и ОН и ќе претседава со седница на Советот за безбедност.