Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложба на ликовниот уметник и поет Ацо Таневски, насловена „Додекоманија“.
Според авторот, ова е првпат македонската публика да ја види изложбата која наменски беше создадена и отворена пред две години во Македонскиот културен центар во Њујорк, а изложбата прави спој на поетскиот и ликовниот израз.
– Насловот на изложбата „Додекоманија“ не е случаен. Изложбата е поврзана со мојата претпоследна збиорка поезија со ист наслов. Додекоманија е изведенка зашто сите песни во збирката почнуваат со зборот „додека“. Илустрациите на изложбата се надополнуваат и ја објаснуваат мојата поезија. Ова е спој на ликовниот и поетскиот израз. Има и своевидна порака зашто на илустрациите се и бар-кодови кои се симбол на современиот начин на живеењето. Сите производи имаат бар-кодови, па и човекот носи своевиден бар-код од своето раѓање што упатува на дехуманизација, против што јас го изразувам својот револт, изјави Таневски.
Претставени се 40-ина дела колку што има и поетски изрази во книгата на Таневски.
Според Тони Чатлески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, оваа интересна изложба е седма од почетокот на годината.
– Досега Центарот за култура „Марко Цепенков“ претстави седум ликовни доживувања за прилепската публика. Според програмата поддржана од Министерството за култура, годинава треба да реализираме вкупно 36 и уште 20-ина изложби кои сами ќе ги финансираме. Тоа го става Прилеп меѓу градовите со најбогата ликовна дејност, рече Чатлески.