Според прогностичките материјали кои УХМР ги презема од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелен центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), а врз основа на стручните анализи и методи кои се применуваат во Секторот за метеорологија се предвидува дека пролетта 2017 во Македонија ќе биде умерено топла и врнежлива во рамките на просекот.
Сезонскиот изглед на времето за период март, април, мај 2017 покажува дека постои поголема веројатност за нешто повисоки температури на воздухот од просечните, но тоа надминување нема да биде повеќе од 1-2˚С. Количината на врнежи оваа пролет се очекува да биде во рамките на просекот, со поголема веројатност на позитивно надминување во источниот дел од Републиката.
Пробабилистичките модели за предвидувања на екстремни температури и врнежи покажуваат дека постои малку зголемена веројатност (25-40%) за појава на екстреми во однос на температурите.
Долгорочните прогнози кои ги прават во поголемите истражувачки центри и метеоролошки служби (IRI, Met Office, NOAA) за подрачјето на нашата држава исто така покажуваат позитивно отстапување на сезонската температура од многугодишниот просек или пак да биде просечно топло и врнежи во рамки на просекот.
Просечните сезонски температури за пролет (период 1981-2010 година) во Македонија се движат од 6,2˚С во Маврово и Лазарополе до 14,1˚С во Гевгелија. Измерените врнежи се движат во граница од 118,7 мм во Скопје до 251 мм во Лазарополе.
Според сегашните прогностички материјали од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) и Глобалниот прогностички систем (GFS), а врз основа на стручната анализа изработена во Одделението за анализа и прогноза на време при УХМР, до крајот на месец март ќе преовладува релативно топло време. Особено топло ќе биде во почетокот на последната декада во месецот, кога се очекува температурите да бидат над просекот за овој период од годината. Во недела 19.03., под влијание на краткотраен продор од север, ќе има локални врнежи од дожд и засилен ветер. Почести врнежи од дожд се очекуваат во средината на последната декада, но не се очекува да бидат многу обилни. Кон крајот на март и почетокот на април се очекува посвежо, но и посуво време, но сепак во границите на просечните вредности за овој период од годината. Кон средината на април повторно се очекува потопло време со почести продори на влажен воздух, што предизвика и локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во мај се очекуваат температури и врнежи во рамките на многугодишниот просек.
Сезонските изгледи за летниот период во овој момент предвидуваат повисоки температури и посушна сезона. Секако, Секторот за метеорологија ќе ги надгледува евентуалните промени на глобалните промени на ENSO осцилациите кои би можеле да условат промени и на локално ниво и навремено ќе информира, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.