Нa Клинката за радиотерапија и онкологија веќе е пуштена во работа и функционира најсовремена лабораторија за подготовка на хемотерапија во поширокиот регион, во која може да се изведуваат и подготовки на вештачка храна за специфични пациенти. Станува збор за инвестиција од околу 21,5 милиони денари, односно над 350 илјади евра.
Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој ја посети Клиниката. Тој рече дека лабораторијата овозможува комплетно исклучување на каква било грешка при подготовката на хемотерапијата што значи сериозно подобрување на третманот на пациенти со онколошки заболувања, нешто што досега го немало во Македонија и на просторите на поранешна Југославија.
Со оваа инвестиција, посочи, се овозможи подготовка на терапија која ќе оневозможи каква било грешка, ќе го подигне нивото на квалитет на здравствените услуги, но и комплетно ја подобрува работната средина за вработените во овој оддел, имајќи предвид дека се работи со токсични материјали и какво било испарување во просторијата исклучително тешко влијае на здравјето на оние кои работат.
– Оваа лабораторија овозможува нула таква емисија на штетни гасови. Од тој аспект оваа лабораторија не само што е многу корисна за пациентите, и за Клиниката, затоа што ќе доведе до сериозна заштеда на средства имајќи предвид дека нема повеќе да се фрла дел од лековите кои погрешно ќе се измерат или нема да се искористат, туку многу позитивно влијае и на работната средина на вработените, рече Тодоров.
Нагласи дека денеска со инструктор од странство разговарале за дополнителна обука на вработените во Париз и за тоа се договориле.
– Станува збор за една капитална инвестиција во делот на онкологијата која ќе овозможи многу подобар третман на онколошките пациенти и ќе донесе подобра организација и заштеда на средства на Клиниката, додаде Тодоров.
Директорот на Клиниката Милан Ристески рече дека досега единствениот систем на подготвување на лековите бил волуметриски кој, како што рече, ни од далеку не е така прецизен, бидејќи е многу субјективен.
– Одиме на комплетно гравиметриски метод. Самиот процес е така поставен да не дозволува да дојде наредниот чекор без да се валидира претходниот. Системот работи со апсолутно осигурување на квалитет. Ги имаме и двете опции, значи и гравиметриската што треба да ни биде некаде 90 отсто од користењето, истакна Ристески, додавајќи дека станува збор за опрема која има четири работни места со максимум капацитет, односно во еден час може да произведат 120 подготовки.
Посочи дека во просек имаат 200 и 250 подготовки на ден, а апаратурата ќе може да ги задоволува не само нивните потреби, туку и потребите на клиниките за хематологија, офтамологија, детска онкологија и кардиохирургија и за сите останати клиники кои имаат пациенти кои се за т.н. тотална вештачка исхрана.
– Се може тука да се подготвува во стерилни услови. Ова е нешто што го работиме етапно зависно од тоа како заштеди правевме за да може да ги пренасочиме за да си го дозволиме ова. Сите средства се од нашиот буџет. Денес првпат во Македонија беше аплициран лекот пембролизумаб кај девет пациенти. Да не постоеше овој систем тој лек не ни можеше да биде даден. Во други услови не може да се подготвува тој. Благодарение на гравиметрискиот метод денес спасивме две ампули. Една ампула чини 1.600 евра, рече Ристески нагласувајќи дека е голема заштедата на дневна основа особено кај скапите лекови.
Додаде дека станува збор за најреномиран светски софтвер за овој тип подготовки.