Во штипските основни училишта почна да се спроведува проект „Сензибилизација на францускиот јазик.
Соња Николова вработена во Одделението за образование во општина Штип на денешната прес-конференција истакна дека на родителите и учениците од петтите одделенија во сите основни училишта во Штип им се доставени анкетни листови за да се изјаснат дали како втор странски јазик сакаат да го изучуваат францускиот јазик, кога ќе преминат во повисоките одделенија.
– Проектот ќе значи запознавање на учениците со одредени теми, содржини од францускиот јазик, кои што сепак ќе бидат на едно елементарно, основно ниво. Значи преку песни, игри и одредени други содржини, кои што ќе значат изучување на францускиот јазик, вели Николовска.
Таа забележа дека откако ќе заврши анкетирањето на родителите и учениците ќе ги сумираат резултатите, по што ќе утврдат дали има интерес за изучување на францускиот јазик во основните училишта.
Во моментов учениците и нивните родители најголем интерес за изучување втор странски јазик имаат за германскиот јазик, а додека само мал број ученици во општинското основно училиште „Ванчо Прќе“ и во две подрчани училишта како втор странски јазик го имаат избрано францускиот јазик. Во општина Штип има доволен број наставници по француски јазик, а доколку проектот „Сензибилизација на францускиот јазик“ покаже дека има поголем интерес, во тој случај редовната настава ќе се реализира без никакви проблеми.
Проектот „Сензибилизација на францускиот јазик“ го реализираат Националната комисија за Франкофонија при Министерството за надворешни работи, Општина Штип и Здружението на наставници по француски јазик.