Молк во Атина пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ

Од:

Официјална Атина не излезе со конечен став за одредувањето датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, пред денешниот состанок на Советот за општи работи на Унијата на кој министрите за надворешни работи ќе ги донесат заклучоците за политиката за проширување за самитот на Европскиот совет.

МИА уште од вчера, по вторпат, од грчкото МНР побара директен одговор на прашањето дали Грција ќе ја блокира Македонија и овој пат, но досега нема никаква реакција. Од друга страна, МИА уште пред десетина дена од сите политички партии застапени во Парламентот побара нивен официјален став за прашањето за името и за предлогот на еврокомесарот Штефан Филе Македонија да добие датум, а името да се реши во раната фаза од преговорите со ЕУ. Но ниту една партија досега не даде никаков коментар, ниту го соопшти својот став.

Ни грчките медиуми не јавуваат ништо особено. Ги нема вообичаените „дипломатски извори“ на кои секогаш се повикуваат кога соопштуваат во името на власта или опозицијата. Медиумите сега се потпираат на своите коментатори кои сепак не изведуваат заклучоци и не прогнозираат што ќе се случи на денешниот состанок. А колку е важно ова прашање за грчката политика покажува и текст во „Катимерини“ според кој денешниот состанок е „прв тест за национално прашање“ за Владата на Андонис Самарас. Весникот потсетува дека Грција трипати до сега ја одбила препораката на Европската комисија Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата. Но, според „Катимерини“, „овој пат препораката е во поинаква форма на која работеше еврокомесарот Филе“.

„Комисијата препорачува да почнат пристапните преговори и паралелно да се преговара за изнаоѓање решение за прашањето за името, што треба да се случи во раната фаза од преговорите… За Атина, решавањето на името останува услов за согласност за европскиот пат на Македонија. Предлогот на Европската комисија за паралелни преговори нема да го реши Гордиевиот јазол. Не се создадени услови за решавање на прашањето за името затоа што двете страни остануваат цврсто на своите позиции. Нема, пред се, доверба“, пишува „Катимерини“.

Некои грчки информативни портали се прашуваат и како воопшто може да се разговара за одредување датум за почеток на пристапни преговори за Македонија без претходно да се реши прашањето за името. „ЕУ покажува незапаметена (без преседан) и провокативна рамнодушност  кон грчките позиции, со оглед на тоа што Советот за општи работи ќе ја разгледува препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори на Скопје со ЕУ“, пишува, на пример, „Њузнау“.

Заедничко за сите е што ја пренесуваат последната пишана изјава на портпаролот Григорис Делавекурас од саботата дека „треба да биде јасно оти Грција нема да дозволи Скопје да ги почне пристапните преговори со Унијата пред да се најде взаемно прифатливо решение за името“.

Би можело да ве интересира

Грчката Сириза избра нов лидер: Сократис Фамелос на чело на поранешната владејачка партија

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски