Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип почнува со одбележување на 10 години од своето постоење најави на денешната прес-конференција ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев.
Факултетите од утре почнуваат со свеченото доделување на дипломите на студентите од прв и втор циклус, а утре во 19 часот концерт во Мултимедијалниот центар ќе има Емилија Потевска. На 23 март ќе биде Свечената академија на која ќе се промовира филмот „10 години УГД“, во реализација на студентите и професорите од Филмската академија. Во рамките на уметничкиот дел ќе настапат Влатко Стефановски, Никола Ристановски и Тони Китановски.
Одбележувањето на 10 годишниот јубилеј на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ завршува во недела со традиционалната Велосипедска трка .
-Мислам дека е исклучително важен момент за една ваква установа да се развие на ниво кое е сега, за еден период од 10 години и оти оваа установа направи еден значаен придонес за високото обраозвание во Република Македонија, а посебно во овој регион. Мислам дека и заслужува на начин на кој ние го правиме. Цела недела, почнувајќи од утре па до наредниот четврток имаме настани кој го одбележуваат нашиот патронен празник, вели Боев.
Ректорот забележа дека штипскиот Универзитет вреди како установа и се етаблира во системот на високото обраозвание во земјава, но и во светот. Во изминатите 10 години на овој Универзитет се запишале од 25.000 до 30.000 студенти.
-Досега издадените дипломи не поминуваат 3.500, кои се издадени на УГД во првиот циклус на студии, околу 500 дипломи на вториот циклус и околу 60 дипломи на третиот циклус на студии. Станува збор за една млада установа, која со сите проблеми кои ги има во себе, со сите недоречености, со незаокружената кадровска структура, недостатокот на пред се млади асистенти и професори. Мислам дека сепак добро се носи со сите предизвици на времето во кое живееме, рече Боев.
Тој забележа дека како најмлад универзитет сепак добро котира и е второ рангиран државен Универзитет во земјава. Според Боев наредниот период негова задача како ректор ќе биде поголемо ангажирање на младите како кадар на универзитетот и квалитетна настава за студентите кои студираат на факултетите.