Ракометарките на македонскиот шампион ЖРК Вардар со победата над Турнингер остварена вчера во последното коло од групата во Главната фаза го освоија првото место во групата 1 од Лигата на шампионите и во четвртфиналето ќе играат против четвртопласираната екипа од групата 2.
ЖРК Вардар по двата пораза ја прекина серијата неуспеси и со победа од 36:26 над германскиот тим ги заврши натпреварите од оваа фаза.
По дуелот со Турингер црногорската интернационалка во дресот на ЖРК Вардар, Јованка Радичевиќ која беше најефикасна со 9 голови, изјави дека е убаво што се вратиле на победничките патеки, особено по срамниот пораз од Мец.
– Можеби тоа беше и добро за да останеме на земја и да работиме напорно. На овој натпревар од првата минута покажавме дека го респектираме Турингер. Без разлика кој ќе биде противникот во четвртфиналето, на крај работите зависат од нас. Моја голема желба ми е со Вардар конечно да ја освојам Лигата на шампионите, изјави Радичевиќ.
ЖРК Вардар во четвртфиналето ќе игра против дански Митјиланд или европскиот првак Букурешт од Романија. Митјиланд има еден бод повеќе од Букурешт, екипа која попладнево го игра последниот натпревар од групата на гости кај Есбјерг.