Деблокирање на исплатата на субвенциите, бараат струмичките земјоделци организирани во Регионалниот синдикат и Сојузот на земјоделци-регионален центар Струмица.
Тие денеска на прес-конференција апелираа политичките партии да направат компромис околу исплатата на субвенциите зашто, како што нагласија, на земјоделците финасиската поддршка им е сега најпотребна, а и нема законска пречка за нејзино неисплаќање.
Во овој контекст повикаа и на што поскоро формирање влада.
– Според нашите сознанија, нема законски пречки за исплата на субвенциите. Затоа бараме итно деблокирање на процесот. Во Законот за рурален развој стои дека субвенициите се исплаќаат до крајот на тековната година, заклучно со 31.12, а во Изборниот законик дека нема исплата 40 дена пред почеток на избори. Со оглед на тоа што нема најава за избори, мислиме дека нема законски пречки да ги добиеме парите, рече претседателот на Синдикатот Ристо Велков.
Претседателот на Сојузот на земјоделци – регионален центар Струмица, Ванчо Митев, напомена дека земјоделците, без разлика која политичка опција ја бираат, имаат заедничка потреба од организација на производството, набавка на нафта, пестициди репро-материјали, за што е потребен обрт на средства.
– Затоа, во овој период субвенциите ни се повеќе од потребни и политичките партии треба да направат компромис по ова прашање, истакна Митев и го повика Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да провери колкави количини куртовска капија од минатата година не се исплатени од преработувачите или откупувачите.
Минситерот за земјоделство Михаил Цветков деновиве информира дека согласно Изборниот законик, исплатата на субвенции е забранета 20 дена пред почеток на кампања, до формирање влада, совет на општина или избор на петседател. За да се овозможи исплата, Министерството за земјоделство изготви и побара законски измени според кои, субвенции би се исплаќале по конституирање на Собранието.
Предложените измени се во владина процедура.