Северна Кореја го прогласи за персона нон грата амбасадорот на Малезија и на дипломатот му нареди во рок од 48 часа да ја напушти земјата, јави државната информативна агенција КЦТА, цитирана од британските медиуми.
Малезија завчера го протера севернокорејскиот амбасадор Кан Чол, откако дипломатот го искритикува начинот на кој малезиските власти ја водат истрагата за смртта на Ким Џонг-нам, полубратот на лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун.
Кан денеска, додека се подготвуваше да тргне за аеродромот во Куала Лумпур, пред новинарите изјави дека Малезија презема „екстремни мерки“, што ќе им нанесат „голема штета“ на билатералните односи, пренесоа американските медиуми.