Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски оствари средба со Едит Харзич одговорна за децентрализирана соработка со земјите од Балканот при Министерство за надворешни работи на Република Франција и Себастиен Ботрo Бонтре, аташе за соработка во француската Амбасада.
Котески по средбата рече дека високите гости од Франција ги информирал за досегашните заеднички проекти на општината со општини од Франција, а ги презентирал и следните планови за соработка со општината Коломбел.
– Општина Новаци со општина Коломбел пред две години започнаа соработка за заедничко истражување, означување, уредување и документирање на позначајни места, локации и споменици од Прва светска војна на територијата на општина Новаци. Освен тоа во општина Коломбел планирано е да се постави споменик на загинатите борци во првата светска војна кои загинаа на т.н Солунски фронт. Во два наврати имавме гости од Коломбел, разменивме мислења, наша делегација беше таму се со цел да ги развиеме нашите односи затоа што сега се одбележуваат 100 години од Првата светска војна. Знаеме дека на солунскиот фронт учествувале многу француски војници. Ние имаме аплицирано и со проекти токму на оваа тема за да ги откриеме остатоците и ги документираме, посочи Лазар Котевски.
Меморандумот за соработка меѓу општините Коломбел и Новаци покрај вклучува соработка помеѓу младите, образованието и културата, потврдија учесниците на заедничката средба.