Египетската опозиција повторно повика на протести против претседателот Мохамед Морси откако тој го отфрли нивниот предлог за уставен референдум во оваа недела за спорниот нацрт на уставот.
– Националниот фронт на спас најави дека во целост ќе го отфрли референдумот и нема да го озакони бидејќи може да предизвика нови судири, изјави Самех Ашур, кој зборуваше во име на коалицијата опозициски партии, јави Ал Џазира.
– Фронтот повикува египетскиот народ мирно да протестира на неколку плоштади во каиро во вторник за да се покаже незадоволство од претседателското занемарување на барањата на народот и да го отфрлат уставот кој ги загрозува правата и слободите, додаде тој.
Одлуката на Морси да го повлече декретот со кој си даде пошироки овластувања не ги задоволи неговите противници кои го обвинуваат дека ја влошува постоечката криза во Египет.