Во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица денеска се одржаа традиционалните тримерски обичаи, a со вечерашниот концерт на тримерски песни завршуваат годинашните карневалски свечености.
Посната трпеза беше збогатена со традиционалниот бел грав, сармите, посниот чурек (погача дел од обичаите во струмичкиот регион), како и со овошјето, алвата и зердето (сутлијаш со вода). Членовите на ансамблот „Тримери“ испеаја песни со традиционална тримерска содржина.
Спецификата на Струмичкиот карневал е празникот Тримери, кога роднините и пријателите на вереникот ставале маски и оделе во домот на вереницата, односно армасаната девојка.
– Нашиот карневал се базира на шеговитиот еротски принцип. Иако во тримерски денови (tris – meres со значење тридневен пост) кога армасаните девојки го започнувале постот, кој трае се до Велигден, обично се собирале во куќата на армасаната девојка, каде покрај посна трепеза пееле „мрсни песни“ како вовед на верената девојка во брачниот живот. Затоа и не случајно во вторник навечер започнувало маскирањето и посетата на луѓето од куќа до куќа. Таквата посета се одвивала под маска бидејќи било строго забранета комуникацијата со девојките кои тримеруваат, а проследен со еротскиот елемент поради будењето и пролетта и новото раѓање на се што е во природата, посочува Јасмина Мазгалиева, дипломиран фолклорист-етнолог.
Концертот на тримерски песни почнува во 19 часот во Домот на културата.