Припадниците на Полкот за специјални операции (пСО) при АРМ со дефиле денеска во касарната Илинден го одбележаа 1 март – Денот на единицата при што прославија 23 години од основањето на првата специјална единица.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски во својот говор пред полкот го истакна кавлитетот на единицата при што нагласи дека токму нивната храброст, патриотизам, обученост, чесност и доблест се препознатливи и високо ценети во Република Македонија и надвор од неа.
– Со цел ваше јакнење и приоритет во изминатите три години беше ставен на пополнување на Полкот. Направивме промена на Правилникот за да дадеме примат на кандидатите кои исполнуваат услови и критериуми да станат припадници на специјалните единици на АРМ. Полкот е дел и од главниот процес на модернизација на Армијата и тоа со лична опрема и нови возила. После 16 години, ова е најсериозна модернизација. Сигурен сум дека идната година на овој ден ќе бидете построени со новата опрема, рече Јолевски.
Потенцира дека пСО е расадник на одважни старешини, старешини со јасно изградени стандарди кои што, како што рече, мораат да се пресликуваат. Според него, тие се пример за сите припадници на Армијата и најави дека во иднина при организирањето на курсевите за подофицери, предимство ќе имаат професионални војници, токму од Полкот
Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај ја истакна професионализацијата на АРМ, при што ја нагласи изградената традиција и култ на единицата, која според него е достојна за почит.
– Воспоставените високи стандарди во обуката и бројните успеси на вежбите и мисиите, го одбележаа развојот на специјалните единици не само во АРМ, туку и пошироко, за што доволно говори големиот респект кој го уживате во Република Македонија и на меѓународен план, рече Рацај.
Нагласи дека пСО своите вештини имале можност да ги применат во сложените услови во учеството во мисијата „Слобода за Ирак“ во Ирак и во наменските сили „Феникс“ во мисијата „ИСАФ“ во Авганистан. Најдобар доказ за тоа, рече Рацај, се високите оценки и големиот број на одликувања и признанија добиени од страна на нашите партнери, но и од останатите земји членки на НАТО.
Според командантот на пСО Бригаден генерал Орце Јордев за кратко време армиските специјалци се на највисокото место меѓу најдобрите, а до тоа ниво стигнале со високата мотивираност, посветеноста, ентузијазмот и силната желба да се достигне совршенството во својата професија.
– На сите добро познати, под името „Волци“, во понатамошниот период на забрзан развој, специјалците на АРМ во целост го оправдаа и мотото „Секогаш и секаде први“, како препознатливи симболи со кои станаа синоним за современиот и врвно обучен војник на АРМ, кој денес ужива висока почит кај партнерите во НАТО Алијансата. Баталјонот за специјални намени, кој не ретко функционираше во сложени услови, претставуваше главното јадро за формирање на одредот за специјални намени, а подоцна и на полкот за специјални операции, рече Јордев.
Пишувајќи ја историјата на АРМ, додаде тој, Македонските „волци“ и „ренџери“ дадоа придонес во изградбата на модерен систем за обука на Армијата и градење на капацитети за борба против глобалните закани.
– Сегашните, но и поранешните припадници на „волците“и „ренџерите“ биле и се пример за одговорност, посветеност и патриотизам, сите тие оставија неизбришливи и значајни траги во историјата на оваа единица, истакна Јордев.
Специјалните сили во Република Македонија се формирани на 1 март 1994 година. Во 23-годишното постоење, единицата беше трансформирана во Полк за специјални операции составен од Баталјонот за специјални намени – „Волци“ и Ренџерскиот баталјон.