Јужнокорејскиот министер за надворешни работи, Јунг Бјун-се, денеска изјави дека Северна Кореја располага со најмалку 1.000 тони опасно хемиско оружје, што е распоредено ширум земјата, јави „Раша тудеј“.
Министерот испрати апел до светските сили да извршат притисок врз Ким Џонг-ун, неколку дена откако неговиот полубрат беше убиен со хемиско оружје, а за нарачател на убиството беше обвинет токму севернокорејскиот лидер.
-Убиството на Ким Џонг-нам е повик до сите нас да се разбудиме и да сфатиме колку арсенал хемиско оружје поседува Северна Кореја, како и дека постои јасна намера да го употреби кога тоа ќе го смета за потребно, изјави министерот, а пренесуваат британските медиуми.
Шефот на јужнокорејската дипломатија, исто така, предупреди дека „меѓу купот хемиско оружје во Северна Кореја се наоѓа и нервниот агенс „ХV“, со кој е убиен полубратот на Ким Џонг-ун.
Овие тврдења се изнесени на конференцијата за разоружување на Обединетите нации во Женева, и тоа неколку дена откако Јужна Кореја ја потпиша спогодбата, според која на нејзина територија ќе биде распореден американскиот ракетен систем „ТHААD”.
И Сеул и Вашингтон овој потег го опишаа како „одбрана од агресијата на Пјонгјанг”.