„Обсервер“: Американски милијардер, поддржувач на Трамп „тајно“ го помагал Брегзит

Од:

Американскиот милијардер Роберт Мерсер, директор на хеџ-фонд и голем поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, тајно ја помагал и кампањата за Брегзит, открива лондонскиот неделник „Обсервер“.

Весникот открива дека Мерсер е долгогодишен пријател на поранешниот лидер на УКИП, Најџел Фараж кој ја покрена кампањата за повлекување на Британија од ЕУ, а сега агитира и за растурање на Унијата.

Милијардерот од САД, ги насочил сите свои капацитети во секторот на информатиката, каде е силен инвеститор и неговите аналитички фирми, за да даваат витални експертски совети на кампањата за Брегзит.

Преку нив, користејќи ја мрежата на Фејсбук, требало да се пренасочи гласачкото тело во Британија и да се определи за напуштање на ЕУ, објаснува весникот и забележува дека ваквите „услуги“ на Американецот и на неговите фирми, не биле пријавени, па затоа и не се регистрирани кај британската Државна изборна комисија.

Директорот на кампањата за Брегзит, Енди Вигмор изјави за „Обсервер“ дека долгогодишното пријателство на Фараж и на семејството Мерсер, довело до тоа американскиот милијардер и десничар, „да се понуди за бесплатно“ помагање на кампањата- Британците да ја напуштат ЕУ- признавајќи дека претходно утврдиле оти и двајцата ја имаат истата цел.

Ова признание треба да биде објаснување зошто мешањето на Американецот во британскиот референдум не било пријавено кај изборната комисија, иако британските закони налагаат задолжително да се регистрира секаква помош или услуга во кампањата, која има вредност над 7500 фунти.

Сега се открива дека Мерсер бил длабоко инволвиран во целата претседателска кампања на Доналд Трамп, вклучувајќи ја неговата компанија „Кембриџ Аналитика“, огранок на фирмата „СЦЛ Груп“ која има големо искуство во кампањи за воено дезинформирање и изборно местење.

Нивните експерти правеле снимање на американските гласачи, определувајќи го интимниот, психолошки профил на гласачите, за тоа што е она што нив посебно ги погодува и што е она што тие навистина сакаат, за да може да се определат. Посебно на удар биле гласачите кои често менувале страна, определувајќи се еднаш за демократите, а друг пат за републиканците.

Штабот на Трамп платил шест милиони долари за да се влијае врз овие гласачи во САД, но лондонскиот весник пишува дека Мерсер истата техника ја имал употребено и за кампањата за Брегзит, помагајќи го дотогаш, главно, маргиналниот британски политичар Најџел Фараж да успее со својата политика и Британија да ја напушти ЕУ.

Според „Обсервер“, Роберт Мерсер е главен акционер во фирмите вклучени во кампањите на Трамп и Фараж, но тој е и еден од сопствениците на крајно десничарскиот интернет весник „Брајтбарт Њуз Нетворк“, кој важи за „омилен медиум“ на новиот претседател на САД.

Мерсер учествувал во создавањето на таквиот „Брајтбарт“ со намера, како што има решено – да се „измени сегашната панорама на американските медиуми“ низ десничарење и изнесување на крајно десничарски погледи за политиката и општеството.

Овој милијардер го наговорил Трамп да ги земе како советници Стив Банон, поранешен главен уредник на интернет весникот, а сега главен политички советник во Белата куќа, како и Келијан Конвеј да бидат во неговиот изборен штаб, уште пред почетокот на прајмери изборите низ Америка.

Стив Банон, како уредник на „Брајтбарт“ во 2014 година, има покренето и британско издание на овој десничарски интернет весник.

Намерата на ова издание, според признение на Банон, била директно да се влијае врз британските гласачи за парламентарните избори, што се одржаа во мај 2015 година, на кои неочекувано уверливо, победи Конзервативната партија, иако сите прогнози навестуваа дека нема да има вистински победник, пишува „Обсервер“.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија