„Со цел прецизно и ефикасно утврдување на аномалиите во сообраќајниот систем кои што доведуваат до несакани состојби т.е до сообраќајните незгоди, a истовремено и во насока на обезбедување на квантитативни податоци за состојбата со безбедноста во сообраќајот на локално ниво, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со поддршка од Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот „Примена на индикатори за следење на состојбата со безбедноста на сообраќајот на патиштата на локално ниво“.
Основните индикатори кои ќе се следат во Република Македонија, почнувајќи од април 2017 година се категоризирани во неколку групи: индикатори коишто се однесуваат на возачите, индикатори за брзината на движење, индикатори за возилата, за користењето на системите за пасивна безбедност, понатаму индикатори за пешаците , индикатори за патната мрежа, итн.
Ваквиот начин за прибирање, обработка и анализа на податоците за сообраќајниот систем е нов во Република Македонија и е во согласност со европската пракса, со препораките на експертската група за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во регионот на Југоисточна Европа, научно и емпириски подржан и истиот претставува основа за создавање на база на податоци врз основа на кои ќе се креираат политики и мерки за унапредување на безбедноста на патниот сообраќај во Република Македонија.
Координатор на целокупниот процес за прибирање, обработка и анализа на податоците е Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за што во минатиот период беше изработена методологија за прибирање на податоците, Прирачник за потребите на работните групи и задача на РСБСП е да ги оспособи работните групи за опсервација на сообраќајот на локално ниво и прибирање на потребните податоци.
„Самиот процес на следење на безбедноста на сообраќајот на патиштата врз основа на индикатори ќе биде континуиран и постојан и претставува чекор напред во унапредување на процесот на управување со безбедноста во патниот сообраќај. Очекуваме на среден рок да добиеме квалитетни податоци за состојбата со сообраќајот на локално ниво, а истите да ги преточиме во препораки за нејзино подобрување и намалување на бројот на сообраќајни незгоди на локално ниво“ – велат од РСБСП.
Во моментов се спроведуваат обуките за претставниците од локалната самоуправа и Министерството за внатрешни работи за следење на безбедноста на сообраќајот на патиштата на локално ниво, врз основа на точно дефинирани индикатори. Имено, изминатата седмица беше организирана првата обука на подрачјето на СВР Битола, а на ден 03.03.2017 година ќе се реализира обука на подрачјето на СВР Велес. Во наредниот период ќе бидат организирани работилници за обука на работните групи на подрачјето на сите СВР и се очекува во месец април ефективно да започне процесот на следење и мониторинг на безбедноста на патниот сообраќај на локално ниво согласно утврдените индикатори“ се вели во соопштението на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.