Национална географија – Вашингтон
Најголема новост во историјата на човештвото не претставува ни камената алатка ни челичниот меч, туку симболичното изразување кое го откриле првите уметници.
Ова е како да влегуваме во грлото на некое огромно животно. Јазикот на металната патека се воздигнува и потоа паѓа во црнило. Таванот се спушта, а масивните ѕидови од пештерите на некои места толку се тесни, што ми ги допираат рамената. А потоа варовникот се раствара и ние влегуваме во стомак на пространа одаја.
Тука се наоѓаат пештерските лавови.
И големи носорози, мамути и бизони, цела менаџерија на древни суштества, кои безглаво трчаат, се соочуваат, се демнат и сето тоа во целосна тишина. Надвор од оваа пештера, во подрачјето на стварниот свет, нив повеќе ги нема. Но, тоа не е нивниот стварен свет. Тука тие продолжуваат да живеат на сенките на испуканите ѕидови.
Некој кој пред околу 36.000 години живеел во времето непоимливо различно од нашето, влегол низ првобитниот влез на оваа пештера и влегол во одајата во која ние сега стоиме. Покрај треперливиот одсјај на огнот почнал да црта по празните ѕидови: профили на пештерски лавови, крдо носорози и мамути, величествени бизони на десната страна на композицијата и едно химеричко суштество – пола бизон пола жена, кое се пораѓа на огромна карпа. Во другите одаи има коњи, козорог и диви говеда; еден був нацртан со каллив прст, џиновски бизон обликуван со отисоци на дланка премачкана со окер; и пештерски мечки кои тромаво се движат како да бараат место за долга зимска дремка. Овие дела често се нацртани со само едена, совршена, непрекината линија.
Се на се, овие уметници насликале 442 животни, како што се претпоставува, во тек на повеќе илјада години, користејќи за свое платно 36.000 квадратни метри од пештерски површини. Некои животни се осамени, дури скриени, но многу од нив се собираат во големи мозаички претстави како овие кои токму сега ги гледам во најдлабокиот дел од пештерата.
Покриена со одронети камења во текот на 22.000 години, оваа пештера излезе на светло на денот во декември во 1944 година, кога тројцата спелеолози Елијет Брунел, Кристијан Хилер и Жан-Мари Шове, се искачиле преку тесна пукнатина во карпа и паднале во темниот пештерски влез. Од тогаш, Министерството за култура на Република Франција жестокот го заштитува она што сега е познато под името пештерата Шове-Пон-Д’Арк.
Ние сме меѓу ретките на кои им е дозволено да поминат по истиот пат по кој поминале древните уметници. Секој потег направен е со јаглен и секоја дамка на окер делува свежо како вчера да настанале, иако во однос на овие цртежи славните египетски пирамиди се историска новост. Нивната убавина го поништува чувството на течењето на времето. Еден момент ладнокрвно гледате, усидрени во сегашноста, а веќе следниот момент ги гледате овие слики како целата друга уметност – севкупната цивилизација, допрва треба да настане.
Како вакво човечко достигнување настанало пред толку време наизглед од ништо? Се до неодамна се мислело дека цртежите од доцниот палеолит, кои се најдени на ѕидовите на познатите јужноевропски пештери, како Алтамира, Ласка и Шовеа, биле облик на изразување на еден супериорен човечки вид, на нас, кои сме стигнале на овој континент и сме ги избркале ѕверовите, нерафинираните неандерталци кои стотици илјади години тука живееле и се развивале.
Се открива дека оваа приказна е многу посложена и поинтересна. А почнува како што почнуваат многу приказни, во Африка.
Кристофер Хеншилвуд го исправа своето речиси два метра високо тело, ги чисти рацете од прашина и гледа преку Индискиот океан. Тој стои на самиот јужен крај на Африка, а меѓу неговите чизми и Антарктикот, со исклучок на огромните карпи од 24,5 метри под него, од кои удираат брановите, не лежи ништо освен 2.400 километри бранови со бела пена.
„Не е лошо времето” – вели со својот баритон, кој може да го наречете божествен ако Господ би имал јужноафрикански акцент.
Навистина, не е лош ден. Хеншилвуд, од јужноафриканскиот Универзитет Витвотерсренд и норвешкиот Универзитет Берген и неговите колеги, веќе цело утро вршат ископување на наоѓалиштето Клипдрифт Шелтер, оставајќи ги своите наоди како докази дека современи луѓе ги настанувале овие брда и плитките пештери подолги од 165.000 години. Сепак, Хеншилвуд имал и подобри денови. Некои од неговите најзначајни откритија потекнуваат од пештерата Бломбос, 45 километри источно од Клидрифт, близу до подрачје на кое си играл додека бил мал. Еден ден во текот на 2000 година, неговиот тим ископале мало парче изгравирано со црвен окер, малку помал од мобилен телефон на преклопување. Окерот е чест во овој дел на Африка и веќе со милениуми се користи за се и сешто, од боење на телото до чување на храна. Меѓутоа, ова парче било нешто сосема друго: пред околу 75.000 години некој паметен грижливо изгравирал шара од преклопувачки, паралелни триаглести ознаки.
Никој не го сфаќа значењето на тие ознаки, кои од тогаш биле најдени на уште 13 други парчиња окер. Потпис? Пресметувања? Прастар список за самопослуга? Каква и да била нивната несватлива намена, тие биле 35.000 години постари од кој било друг непобитен доказ за симболично изразување за кое се знаело во тоа време.
На почетокот контроверза предизвикала омаловажување на ова откритие. Некои научници сметале за овој мал камен како на единствен случај кој не претставува ништо освен некои гребаници или индивидуално цртање. „Рекоа дека нема никакво значење”, вели Хеншилвуд. „Кажаа многу негативни работи што можеш да ги замислиш”. Со тек на времето сепак други во ова видоа големо откритие.
Наскоро е откриен уште еден примерок со симболи и орнаменти. Тимот на Хеншилвуд открил љуски на мал морски полжав од видот Nassarius, стари околу 75.000 години и избушени, со доказ дека биле нанижани. Други откритија биле дури и постари: Nassarius љуските датираат со старост од 82.000 години на наоѓалиштето Grotte des Pigeons (Пештера на гулабите) во Тафоралти во Мароко; на спротивниот крај на Медитеранот слични бисери има од две израелски пештери, Кафзах и Скал, кои датираат со старост од 92.000 и најмалку 100.000 години. Повторно во Јужноафриканската Република тимот кој го предводи Пјер-Жан Тексије од Универзитетот Бордо во 2010 година известил за пронаоѓање 60.000 години стари, изгравирани лушпи од ноеви јајца на наоѓалиште во карпестата дупка Дипклиф, северно од Кејптаун.
Во меѓувреме од Бломбос продолжиле да се појавуваат нови пронајдоци: фино изрезбарена и украсена алатка од коски и доказ дека и пред 100.000 години пештерските жители плански го дробеле окерот во фин прав и го мешале со други состојки за да направат смеса за боење. Чувана во лушпи на школката Halliotis midae најстара позната чинија, оваа смеса можела да се користи како декоративна боја за тело, лице, алатки или облека. Хеншилвуд во 2009 година известил за пронаоѓање на уште парчиња окер и камења со осмислени накрсни орнаменти, чија старост исто така датира и до 100.000 години.
Во споредба со уметноста создадена 65.000 години подоцна во пештерата Шове и нејзината убавина од која застанува здивот, овие ракотворби изгледаат неразвиено. Но, да се создаде едноставен облик кој означува нешто друго – симбол, настанат во нечиј ум, кој може да служи и на другите, делува едноставно дури откако нешто ќе се оствари. Дури и повеќе од пештерска уметност, овие први конкретни изрази на свеста претставуваат скок од нашето животинско минато во однос на она што сме денес – вид преплавен со симболи, од знаци кои го насочуваат нашето движење долж автопат до венчален прстен на прст и иконка на современите телефони.
Постои уште нешто значајно во врска со овие рани африкански и блискуисточни ерупции на симболично прикажување: биле и поминале. Бисери, бои, гравури на парчиња окер и јајце од ној, во секој случај, овие ракотворби се појавуваат во арехолошкиот извештај, опстануваат неколку илјадници години на ограничен простор, а потоа исчезнуваат. Истото се однесува и на технолошките новини. Коскените врвови на харпуните, кои никаде ги немало до пред 45.000 години, откриени се во речиси дупло постари слоеви на тлото во Демократска Република Конго.
Во Јужноафриканската Република излегуваат на видело две релативно сложени култури кои прават каменест и коскен алат – Стибеј пред 75.000 години и Ховисонс Пурт пред 65.000 години. Меѓутоа, првиот пат траела 6.000, а потоа само 4.000 години. Никаде не е установена култура која се ширела низ просторот и времето, зголемувајќи го богатството и разновидноста, се до пред 40.000 години кога станало вообичаено уметноста да се појавува ширум Африка, Евроазија и Аустралазија. Далеку на истокот, дури на индонезискиот остров Сулавеси (Целебес), неодамна се открило дека шаблонските отисоци на дланка, за кои некогаш се мислело дека се изум на европскиот познат палеолит, се стари речиси 40.000 години.
Поради тоа делува неубедливо дека кај нашите африкански предци се вклучил некој генетски „прекинувач” кој во нас покренал способност за ново повисоко ниво на спознавање кое, кога еволуирало, трајно го изменило човечкото изразување.
Како тогаш ја објаснуваме оваа, очигледно спорадична креативност? Според една хипотеза, причината за тоа не била нов вид на луѓе, туку поголема населеност на луѓето, со нагол пораст на популацијата, кои предизвикале контакти меѓу групите. Тоа го забрзало ширењето на иновативните идеи, создавајќи еден вид на колективен мозок. Симболите би помогнале во поцврсто обединување на тој колективен мозок. Кога популацијата повторно паднала под критичната маса, групите станеле изолирани, без можност да разменуваат нови идеи. А иновациите, кои биле воспоставени, изумирале и исчезнувале.
Вакви теории тешко се докажуваат бидејќи минатото тешко ги открива своите тајни. Меѓутоа, генетската анализа на современата популација навистина укажува на раст на популацијата во Африка пред 100.000 години. Едно истражување, кое во 2009 година го спровеле Адам Пауел, Стивен Шенан и Марк Томас од Универзитетскиот колеџ во Лондон, исто така дава извесна статистичка поддршка во поглед на способноста на поголемите популации да создаваат новитети. А истражувањето на Џозеф Хенрик, кое сега се наоѓа на Универзитетот во Британска Колумбија, укажува на тоа дека во времето кога популациите опаѓале, тие се потешко ги одржувале иновациите кои претходно ги изумиле.
Жителите на Тасманија пред 15.000 години правеле коскени алатки, топла облека и прибор за риболов, се додека пред 3.000 години овие откритија не исчезнале од археолошките извештаи. Хенрик смета дека поради зголемувањето на нивото на морињата, кое се одигрувало во периодот од пред 12.000 до пред 10.000 години и кое ја изолирало Тасманија од остатокот од светот, автохтоното население од околу 4.000 припадници едноставно не било доволно големо да ги одржи културните традиции.
Но, затоа никако не е јасно зошто археолошките извештаи кои се однесуваат на Африка за периодот од 150 векови целосно се замаглени. Можно е некоја епидемија, природна катастрофа или нагла промена на климата да предизвикала пад на бројот на жителите. Па сепак, Франческо де Ерико, археолог од Универзитетот Бордо, истакнува дека иако сурови услови би можеле да предизвикаат пропаст на некои култури, други тие исти услови можеле да ги поттикнат. Не постои утврден систем.
„Секое подрачје на планетата родило култури со низа различни еволутивни правци” – вели Де Ерико. „Можно е да постоеле такви ситуации во кои некоја краткорочна хаотична болест да збрише некоја култура во едно подрачје, но во други подрачја луѓето биле способни да се соочат со овој предизвик”. Тој тоа го споредува со кујнски рецепт. „Дури иако состојките се исти, не е нужно дека ќе имате ист резултат”.
„Нешто да ти покажам”. Николас Конард се осврнува преку рамената, потоа внимателно ја врти шифрата на огромен сеф во својата канцеларија која се наоѓа на Универзитетот Тибинген, во еден германски замок од 16 век. Тој од сефот вади четири мали кутии од боровина и внимателно ги става пред мене на масата. Внатре во секоја од нив се наоѓа ситна резба: коњ, мамут, бизон и лав. Сите потекнуваат од пештерата Фогелхерд во Германија. Тие дишат и со грациозност и со убавина и разиграност, кои секој уметник на денешницата би го исполниле со гордост. Но тие се стари 40.000 години и 4.000 години претходат на сликаните ремек дела од Шове.
„Фасцинантно” – вели Конард, шеф на катедрата за праисторија на овој универзитет. „Секое парче е различно. Меѓутоа, кога ќе ги погледнете, очигледно е дека прават една поврзана целина”.
Луѓето кои ги направиле овие предмети припаѓале на популација која пред околу 60.000 години ја напуштила својата африканска земја и тргнале преку Блискиот исток и денешна Турција, долж западниот брег на Црно море и покрај речната долина на Дунав. Колку ни е тоа познато, никаде долж тој пат не оставиле никакви назнаки на уметничка склоност, дури ни парче означено со окер камења. Но, кога пред околу 43.000 години се настанале во денешна јужна Германија, во долините на реките Лон и Аш, одеднаш почнале да ги создаваат, не груби гравири, туку целосно реалистички фигурини кои претставуваат животни, изрезбарени на коски на мамут.
Многу од овие предмети се најдени во четири пештери: Холе Фелс и Гајзенклестерле во долината на реката Аш, Холенштајн-Штадел и Фогелхерд на реката Лон. Некој кој денес вози по зафрлените патишта кои водат низ планините на југозападна Германија може лесно да ги промаши овие пештери, бидејќи тие не се ништо поголеми од процеп во карпа. Денес бујните и зелени долини на реките Аш и Лон пред 40.000 години, на почетокот на оринјасјенската култура биле замрзнати и пусти предели, по кои се движеле стада коњи, ирваси и мамути. Наспроти овие сурови услови, богатството на археолошките наоди укажува на тоа дека во текот на тој период растел бројот на жителите. Овие порасти би можеле да послужат на објаснувањето за очигледно раширената креативност, слична на тие кои се случувале претходно во Африка.
Можеби потешкотиите со кои се соочувале, вели Конард, ги навеле овие доселеници да дојдат во Европа да ги делат обичаите, кои од една група и од една генерација се пренесувале на следната. Вредните резбарии и алатки во тешките времиња можеле да отворат пат на меѓуплеменските бракови, размената и сојузите и да помогнат при ширењето на новите технологии за лов, градење на живеалишта и изработка на облека.
Тимот на Конард неодамна во Холе Фелс открил некои предмети чии симболични пораки во голема мера се сексуално експлицитни па не можеле да имаат родителско одобрување да се покажуваат на малолетници. Една резба најдена во 2008 година, прикажува жена со преувеличени гради и гениталии.
Оваа Венера од Холе Фелс стара најмалку 35.000 години, до денес е најдревна фигура која неоспорно го прикажува човечкото тело. (Две многу постари фигурини од Мароко и денешен Израел, можат да бидат природни камени форми кои до некаде потсетуваат на човечко тело). Овој тим претходно пронашол измазнета палка од алевролит долга околу 20 сантиметри и широка 3 сантиметри, со изгравиран прстен на едниот крај, веројатно фалусен симбол. Околу метар од фигурината која ја претставува Венера, тимот на Конард пронашол свирало изрезбано на шуплива коска од белоглав бизон, додека во пештерата Гајзенклестерле најдени се уште три свирала, едно од слонова коска, а две од коски на крила на лебед. Тоа се најстари музички инструменти на светот за кои се знае. Не знаеме дали овие луѓе конзумирале дрога, но очигледно е дека се бавеле со секс и рокенрол.
Од сите пронајдоци од овој период, кои се откриени во Германија, најфасцинантен е Човекот лав (Löwenmensch) од пештерата Холенштајн-Штадел, убава фигура стара околу 40.000 годинин. Првобитните фрагменти (околу 200 од нив) на оваа фигура, ги откриле пред Втората светска војна во 1939 година, Роберт Вецел, професор по анатомија на Универзитетот Тибинген и геологот Ото Велцинг. Вецел се надевал дека ќе работи на составување на овие делови на мамутските коски кога војната завршила, но тие во текот на 30 години останале недопрени во една кутија. А потоа во 1969 година ги извлекол археологот Јоахим Хан и почнал да ги составува како тродимензинална слагалка.
Кога завршил, се укажало одлично уметничко дело. Löwenmensch со своите 29,6 сантиметри висина, ги надминал сите други резби кои до сега се откриени во германските долини. А тоа што го прави посебно интересен, вели Клаус-Јоахим Кинд, археолог од Државната канцеларија за културно наследство, во Баден-Виртемберг, е тоа што прв пат е прикажано како целосно измислено суштество, пола човек пола лав. Оваа резба не само што барала необично креативен ум, туку биле неопходни и импресивни технички способности, како и голема количина на време (се проценува дека биле потребни околу 400 часа работа). „Ова не е нешто што го правите навечер по работниот ден” – вели Кинд.
Силата на оваа фигура можете да ја почувствувате додека гледате како во неа се стопува достоинството на човечкото суштество со свирепото животно. Дали оваа скулптура ја одразува желбата човекот да се обдари со силата на лавот? Или можеби ја прикажува шамановата посебна способност да ги сплоти духовните светови на човекот и животното? Холенштајн-Штадел е единствена пештера во овој регион во која археолозите не пронашле алатки за секојдневна употреба, коски или смет. Таа исто така е подлабока од другите пештери. Не е тешко да се замисли дека древните ловци внатре во нејзините одаи укажувале на почитување на човекот-лав и дека пештерата Холенштајн-Штадел била праисториски религиски центар. Тоа било свето место, смета Кинд.
Конард смета дека овие луѓе поседувале целосно современи умови како нашите и дека како нас преку ритуалите и митовите барале одговори во врска со тајните на животот, посебно бидејќи биле соочени со неизвесности во светот во кој живееле. Кој тоа влијае на преселбите на стадата, растењето на дрвјата, обликот на Месечината, треперењето на ѕвездите? Зошто мораме да умреме и каде одиме по смртта? „Сакале одговори” – вели тој, „а немале никакво разумно објаснување за светот кој ги опкружувал”.
Набрзо откако современите луѓе стигнале во Европа, дамнешните жители на овој континент почнале да изумираат. Неандерталците се појавиле во Евроазија пред околу 200.000 години. Многу малку докази има за тоа дека упразнувале симболично изразување. Меѓутоа, полека се нарушува традиционалниот став според кој неандерталците биле премногу ѕверолики да би биле способни за таков вид на изразување. Со оглед на тоа дека во Африка не достигнале густина на популацијата која би предизвикала појава на симобилично изразување, неандерталците веројатно немале потреба за тоа, или го искажувале на начини кои се уште не сме ги сфатиле.
Центарот на расправите околу способноста на неандерталците да се воздигнат до стандардите на нивните наследници бил фокусиран на француското наоѓалиште Грот ду Рен, каде ракотворбите кои обично се поврзуваат со современите луѓе од доцниот палеолит како камените алатки, карактеристични камени ножеви и избушени и изрезбани заби на животни, кои веројатно се носеле како приврзоци, се најдени заедно со остатоците на неандерталците.
Некои истражувачи заклучиле дека иако неандерталците веројатно се одговорни за оваа традиција на изработка на алатки (позната како шателперонска култура), тие сепак биле вид кој не бил способен самостојно да ги замисли, туку само да ја прифати умешноста на нивното ново соседство сочинето од современите луѓе.
Колку повеќе учиме од неандерталците, вклучувајќи ја тука и нивната способност да се мешаат со нашите директни предци, толку „имитирачкото” објаснување за шателперонската култура се повеќе ни звучи како пуста желба. Сведоштвото на неандерталското симболично изразување на некое друго место можеби е слабо, но е забележително. Некои научници тврдат дека костурите на неандерталците, кои се најдени во Франција и Ирак, биле негрижливо закопувани. Засечените ознаки кои неодамна се пронајдени на коските на птичји крилја, наговестуваат дека неандерталците користеле пердуви за китење се до пред 50.000 години, а накрсните орнаменти кои барем пред 39.000 години биле врежани во карпите на една неандерталска пештера на Гибралтар, наговестуваат дека можеле апстрактно да размислуваат. А староста на еден црвен диск, насликан на ѕид на пештерата Ел Кастиљо во Шпанија, неодамна е датирана на околу пред 41.000 години, што е блиску до времето за кое се знае дека тогаш само неандерталци живееле на подрачјето на сегашна западна Европа. Можеби тие, а не ние, биле први пештерски уметници.
Сепак, повеќето пештерски слики на југот на Франција и во Шпанија создадени се по исчезнувањето на неандерталците. Зошто таму? Зошто тогаш? Еден одговор нудат самите пештери – подлабоки се и поголеми од тие во долините на реките Аш и Лон во Германија, или од африканските карпести живеалишта. Пештерата Тито Бустиљо во северна Шпанија е долга барем 700 метри од едниот до другиот крај. Ел Кастиљо и другите пештери на Монте Кастиљо се длабоки и понираат во земја како големи дупки. Француските пештери Ласко, Грот ду Рен и Шове, се простираат длабоко во карпи со должина на фудбалски стадион, со многу тунели и одаи со големина на катедрали.
Можеби експлозијата на креативноста која ја гледаме на ѕидовите на овие пештери делумно е резултат од нивната огромна длабочина и темница, или пред играта на светлината и темницата. Осветлувањето на треперливата светлина на огинот или камените светилки кои гореле на животинска маст, како лампи кои се најдени во пештерата Ласко, испакнатините и пукнатините можеле да наговестат природни облици, на начин на кој облаците можат да влијаат на фантазијата на детето. Во Алтамира во северна Шпанија, сликарите кои го сликале прочуениот бизон, ги вклопиле карпестите испакнатини своите слики да ги оживеат и да им дадат димензија. Во Шове е претставена група од четири коњски глави, која е нацртана преку едвај забележливи набори на еден накосен ѕид, со што се потенцираат коњските чела и муцки. Нивниот изглед се менува во зависност од местото од кое ги гледате: од една позиција гледате совршени профили, додека од друг агол се чини дека коњските ноздрви и вратови се растегнуваат, како коњите да бегаат од тој што ги гледа. Во друга одаја нацртани се пештерски лавови како да излегуваат од пукнатините во ѕидот, што е потенцирано со навалени грбови и рамена на животните кои како да го демнат својот невидлив плен. Нашиот водич забележува дека некои животни изгледаат како веќе да биле во карпите и само чекале да ги разоткријат сликарите со јаглен и бои.
Филмскиот режисер и археолог Марк Азема во својата книга „Праисторијата на киното” тврди дека некои од овие древни уметници биле први светски аниматори и дека уметничкото преклопување на ликовите во комбинација со треперливата светлина на огнот во темните пештери, создавало илузија дека овие слики се движат. „Сакале да внесат живот во овие слики” – смета Азема. Тој направил дигитални верзии на некои пештерски слики за да го долови овој ефект. Лавовската група од најдалечните одаи на пештерата Шове претставува добар пример. Тука се прикажани глави од десет лавови, кои наизглед се концентрирани на нивниот плен.
Но, при светлината на стретешки поставените камени лампи овие десет лавови можат да станат постапна карактерност на само еден лав, или можеби два или три, кои се движат низ приказната, многу налик на нацртани кадри во книги чии страници треба брзо да се листаат за да се добие движење како на цртан филм. Зад лавовите стои група на носорози. Главата и рогот на тој кој е на врвот се повторува како на ритам на стакато шест пати, слика над сликата, како да се стремат кон нагоре, а со употреба на повеќекратни контури изгледа како целото негово тело да се тресе.
Интерпретацијата на Аземе се совпаѓа со теоријата на еминентниот праисторичар Жан Клот, прв научник кој влегол во Шове по неколку дена откако пештерата била откриена. Клот верува дека целта на сликите во оваа пештера била наменета за создавање на доживување слично на тоа кое денес го имаме кога гледаме филмови или театарски претстави, или дури кога присуствуваме на верски обреди – излегување од вистинскиот свет кој ја парализира публиката и ја врзува во моќно заедничко искуство. „Тоа било шоу!” – тврди Клот.
По илјадници години подоцна се уште можете да ја почувствувате силата на тоа шоу додека одите низ одаите на оваа пештера. Во ушите гласно ви одекнува звукот на сопственото дишење, како и непрекинатиот звук на капките вода кои се слеваат од ѕидовите и паѓаат од таванот. Во нивниот ритам речиси можете да го разберете шумот на древната музика, тактот на танцот, додека водичот со факел осветлува една подвижна слика и публиката ја фасцинира со оваа приказна.