Резултатите од аутопсијата потврдија дека нервниот гас Ве-икс (ВX) предизвикал мошне тешка парализа, која го усмртила полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам на аеродромот во Куала Лумпур, изјави вчера малезискиот министер за здравство, Субраманијам Сатхасивам.
Резултатите на државната Служба за хемиски анализи ги потврдија наодите на болничката аутопсија дека нервниот гас предизвикал тешка парализа, која ја предизвикала смртта на Ким Џонг-нам во мошне кусо време, рече министерот.
Претходно полицијата соопшти дека Малезија денеска ќе провери дали на еден од терминалите на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур, каде минатата недела е убиен Ким Џонг-нам, има токсични материи.
Стручните тимови се составени од форензичар, пожарникар и експерти од агенцијата за атомска енергија.
Ким Џонг-нам е убиен пред неколку дена со забранетото хемиско оружје Ве-Икс, додека се поготувал да се качи на авион за Макао, каде живеел во егзил со семејството под заштита на Пекинг.