„На Македонија итно и е потребна нова одговорна Влада која вистински ќе се грижи за потребите на граѓаните.
Целиот железнички сообраќај веќе трет ден е во прекин поради несовесната власт којашто ги остави вработените во Македонски железници без плати, а граѓаните без превоз.
Денеска е понеделник, работен ден е, а многу граѓани кои платиле месечни билети за воз не можат да стигнат на своето работно место.
Дел од граѓаните не се информирани за штрајкот па не стигнале на време на работа, а повеќето биле приморани да прават дополнително трошоци за да плаќаат автобуски билети.
Вработените во Македонски железници повторно се принудени преку штрајк да ги бараат своите чесно заработени плати. Семејствата на овие луѓе се оставени без егзистенција!
Бараме веднаш да се исплатат платите на вработените!
Платите во јавното претпријатие постојано доцнат, а раководството на власта во заминување не наоѓаат трајно решение. Моментално вработените во Македонски железници -инфраструктура ја бараат втората половина од платата за декември, а вработените во Македонски железници -Транспорт ја чекаат јануарската плата. Требаше да се случи штрајкот за да стигнат најавите за исплата на половина плата, а кој ќе ги плати штетите од тридневниот застој на возовите.
Ете ова го направија неодговорните политики на власта во заминување, којашто вложуваше во камења, гипс и стиропор, а ги запостави реалните потреби на граѓаните.
Ќе има целосна модернизација на Македонски железници и ќе бидат заштитени правата на вработените.
За тоа може да се погрижи само нова совесна Влада на граѓаните на Република Македонија“, изјави Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.
Кое е вашето решение за овој проблем кој се повторува со години. Што предлагате за да се реши ситуацијата со Македонски железници?
– Македонски железници постојано работи со загуби токму поради немањето инвестиции во инфраструктурата, бидејќи нема отворени нови коридори, нови пруги кои ќе можат да ги користат возовите. Во делот на железничката инфраструктура, Македонија стои многу лошо и е во катастрофална состојба и лесно ранлива. Кога ќе имаме нови модерни железнички пруги, поврзани со регионот и со Европа и на југ со Грција и на север со Србија, меѓутоа и со Албанија и Бугарија, тогаш ќе можеме да зборуваме за профиталбилна работа на МЖ. Само со вложување во МЖ инстраструктура и МЖ транспорт, ќе можеме да дојдеме до рентабилно работење на ова државно претпријатие.
Денеска штрајкувачите поднесоа барање за решавање на нивниот проблем на надлежното министертво. Имате информација до каде е процесот?
– Факт е дека вработените ги бараат своите права, што е и легитимно. Ќе видиме што ќе одговори Министерството за транспорт и врски. Ние сме овде и преку оваа прес конференција побаравме веднаш да им бидат исплатени заостанатите плати. Има еден куп начини од каде може да се запрат одредени трошења, а да се дадат плати на луѓето кои чесно заработуваат, одговори Бочварски.