Египетската опозиција на мирен протест пред претседателската палата

Од:

Демонстрантите организирани од опозицијата денеска повторно се собраа пред претседателската палата во Каиро. Тие чекаат да почнат преговорите за надминување на кризата предизвикана од указот на Мухамед Морси и неговото инсистирање на референдум за Уставот, јави египетската национална телевизија.

Протестот е организиран од неколку опозициски групи, кои го предупредија претседателот Морси и групата Муслиманско братство „да не преземаат акција против мирниот протест“.

Опозицијата бара од Морси да го повлече указот со кој се зголемуваат ингеренциите на шефот на државата, пред се за контрола над судската власт, како и да го откаже референдумот за Уставот, што е закажан на 15 декември.

Опозицијата, составена од секуларни партии го обвинува Муслиманско братство дека е иницијатор на судирите меѓу приврзаниците и противниците на Морси. Дел од опозициските групи го отфрлија предлогот на Морси за дијалог, но помалите политички групации се согласија денеска да разговараат со египетскиот претседател.

Повеќе од 100 демонстранти синоќа спиеја во шатори пред претседателската палата или во блиската џамија, додека војниците останаа на барикадите околу претседателската палата. Во текот на ноќта повеќе од 10.000 луѓе со часови демонстрираа на плоштадот пред претседателската палата барајќи оставка од Морси.

Во меѓувреме, Командата на египетските вооружени сили ги повика сите политички партии да ги надминат разликите преку дијалог, потенцирајќи дека во спротивно армијата ќе се вмеша за да стави крај на секој облик на насилство.

– Вооружените сили потврдуваат дека дијалогот е најдобриот и единствениот начин да се постигне согласност. Дејствувањето во обратна насока ќе не однесе во тунел, што армијата нема да го дозволи, се наведува во соопштението на Командата на египетските вооружени сили.

Претходно, египетската Влада донесе правни мерки, со кои на армијата, покрај полицијата, и се дозволува да апси.

Немирите во Египет почнаа на 22 ноември откако Морси со указ си ги прошири своите ингеренции, а Парламентот, каде мнозинство се исламистите, минатата недела го изгласа Уставот, на кој се спротиставуваат либералите и христијаните.

Би можело да ве интересира

Откриен вистинскиот лик на еден од најпознатите фараони во историјата

Предраг Петровиќ

43 повредени во автобуска несреќа во Египет

Железничка несреќа во Египет, има загинати и повредени

Египет упати апел до своите авиокомпаниите: Избегнувајте го воздушниот простор на Иран утре наутро

Египет бара формирање независна држава Палестина

Ирак испраќа танкер со гориво во Египет за да и помогне на Газа

Горан Наумовски