Водечкиот во Светскиот куп, Марсел Хиршер е нов планетарен првак во дисциплината велеслалом.
Австриецот победи на денешната трка во рамките на Светското првенство во алпско скијање што се одржува во швајцарски Сент Мориц. Вкупното време на Хиршер беше 2:13.31 минути.
За него ова беше трет златен медал и вкупно осми на Мундијалите.
Сребрениот медал отиде кај Роланд Леитингер исто така од Австрија со вкупно време по двете трки 2:13.56 минути.
Веднаш до Австријците на победничкиот подиум се искачи Норвежанецот Леиф Кристијан Хауген со време 2:14.02 минути.
Македонскиот скијач Лука Божиновски остана без пласман.
Утре на СП на програмата е женскиот слалом.