Центар за лица со посебни потреби ќе биде промовиран денеска во Гевгелија. Наменет е за индивидуална работа и третмани со децата со посебни потреби од Гевгелија и локалните општини.
Центарот е дел од проектот „HUBilities – Основање на Центар за лица со посебни потреби во Гевгелија”. Финансиран е од Реновабис и Каритас Италија, а спроведен од апостолскиот егзархат во Македонија, „Националната Алијанса за лица со посебни потреби – Гевгелија“ и Фондацијата „Аполонија“ од Гевгелија.
Објектот во кој се наоѓа Центарот ќе го освети скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, кој потоа ќе им се обрати на присутните. Свои обраќања ќе имаат и Љубица Тимова од Националната Алијанса за лица со посебни потреби, Алесандро Кадорин од Каритас Италија, а проектот ќе го презентира проект менаџерот од Фондацијата „Аполонија“, Снежана Сарамандова.
Активностите на Центарот вклучуваат: програма за рана интервенција во сензорнa соба, терапевтска соба за физиотерапија, окупациона програма за подобрување на животните вештини и работното оспособување преку повеќе работилници, социо-едукативни активности за поддршка на родителите, активности за градење капацитети и развој на стручните лица од центарот и активности за социјална инклузија со деца со типичен развој.
Центарот ќе работи со 30 лица со различни попречености. За корисниците кои ќе бидат вклучени во повеќе активности на Центарот ќе има обезбеден превоз од нивните домови. Она што го прави единствен овој Центар е индивидуалниот пристап кон корисниците, честите индивидуални часови со стручните лица, програми кои вклучуваат успешни и признати светски методи со докажани резултати и успеси во работењето со децата со посебни потреби, работењето на животните вештини и работното ангажирање најрано што е можно и фокусирањето на способностите и интересите на корисниците.
Вкупниот износ на проектот е 290.000 евра и ќе се реализира во наредните три години. Апостолскиот егзархат во Македонија за да го реализира овој проект во изминатата година побара и доби донација од Италијанската Бискупска конференција за купување и адаптација на објектот во кој ќе биде сместен Центарот.
Главната цел на проектот е да се зголеми социјалната интеграција и развојот на децата со посебни потреби.