Граничниот премин Евзони на македонско-грчката граница се уште е затворен за сообраќај, а останатите два премина Меџитлија кај Битола и Дојран се отворени, информира утрово Авто мото сојузот на Македонија.
На патиштата низ државата нема забрани и сообраќајот се одвива по наместа влажни коловози. Магла со видливост од 50 до 100 метри има на патниот правец село Лисец – Попова Шапка и на планинскиот превој Стража.
Поради оштетување на мостот на автопатот А-1 Градско – Неготино, кај Стоби на реката Црна десната лента е затворена за сообраќај, а сообраќајот се одвива по левата коловозна лента, поставена е соодветна сигнализација.
Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен преку обиколница Битола е во прекин поради свлечиште и сообраќајот се пренасочува преку градот Битола.
Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.