Прилеп и оваа година, како што ја заврши и 2016, главен акцент ќе стави на развојот на локалната економија и отворањето нови работни места, подобрување на инфраструктурата и воопшто, обезбедување поквалитетен живот за граѓаните, рече денеска градоначалникот Марјан Ристески.
Ристески на прес – конференција се осврна на сработеното и најави нови проекти.
– Во 2016 година комплетно се изгради инфраструктурата во ТИРЗ Прилеп, инвестиција вредна 147,6 милиони денари, се изградија асфалтни улици, се постави водоводна и канализациска мрежа, се донесе електрична енергија и се што е потребно за нормално функционирање на зоната. Со работа почна и мултинационалната компанија, американскиот гигант во автомобилската индустрија „Гентерм“, инвестиција од 20 милиони евра каде во моментот работат над 800 работници. Се изгради и објектот на германската компанија „Акомпласт“ која наскоро треба да почне со работа. Вкупната инвестиција е три милиони евра. Во иднина се очекуваат над 150 вработувања. Финишираат и преговорите со две нови мултинационални компании кои покажуваат интерес за инвестирање во ТИРЗ Прилеп, рече Ристески.
Според него, активно се работеше и на инфраструктурата во Индустриската зона „Прилеп 1“ каде локалната самоуправа вложи 27 милиони денари, а инфраструктурата се доизгради со 124 илјади евра грант од Светска банка.
– Во оваа зона претходно беа продадени 21 локација. Моментно со работа се почнати две компании, а уште десетина се во изградба. Оваа зона во иднина се очекува да обезбеди над 1.000 вработувања. Во меѓувреме е изработен е новиот ДУП за Индустриската зона „Прилеп 2“ каде веќе се продадени пет локации од вкупно 14 за изградба на помали економски капацитети (стоваришта и мало стопанство) кои во иднина ќе овозможат нови вработувања, Во 2016 година во нашиот град се отворија околу 1.000 нови работни места, изјави Ристески.
Прилеп, нагласи, останува лидер во легализaцијата на дивоградбите и досега се легализирани над 9.000 објект. Само во 2016 година се донесени 1.000 решенија за легализација.
– Почна капиталната инвестиција, изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, во должина од 33,5 километри, вредна околу 80 милиони евра која продолжува да се реализира и годинава. Продолжува и реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа во градот со средства од ЈКП „Водовод и канализација“ кое го спроведува и капиталнуот зафат – изградба на пречиститечлна станица со пари од европските фондови. Проектот вреди околу 25 милиони евра, информира градоначалникот.
До август годинава комплетно треба да се обноват вкупно 70 километри канализациска мрежа, а пречистителната станица треба да биде готова до крајот на оваа година.
Прилепската локалната самоуправа во образованието лани инвестирала еден милион евра, а инвестициите ќе продолжат и годинава.
– Повторно ќе се инвестира во сите сфери од живеењето, а акцентот останува на локалниот економски развој и отворањето нови работни места. Ќе се градат нови погони на компаниите „Гентерм и Акомпласт“, а со влегување нови фабрики во ТИРЗ, ќе се отворат најмалку 1.000 нови работни места. Ќе се одржуваат и ќе се заштитуваат локалните и регионалните патишта за што се предвидени 71,5 милиони денари. За јавното осветлување 33 милиони денари, а за реконструкција на градскиот стадион како дел од заедничкиот проект со УЕФА, ФФМ и општина Прилеп се предвидени 30 милиони денари, сето од локалниот буџет, истакна Ристески.
За културните манифестации и изградба на споменици годинава ќе се одвојат 12,5 милиони денари. – Аплицирано е до Светска банка и се чека конечен одговор за проектот за изградба на булеварска улица „11 Октомври“ и мост Табана на кој ќе има кружен тек со што ќе се добие современ изглед и растеретување на сообраќајот во овој дел на градот. Проект вреден два милиона евра. Ќе се инвестира и во проширување на капацитетите на градинките и изградба на нови објекти, рече Ристески.
Општината ќе инвестира во градинките, училиштата, повеќенаменските игралишта, а ќе почне да се гради и фабрика за селекција на отпадот.