Сопствениците на парцели во 31 катастарска општина добиваат можност бесплатно да добијат имотен лист. Станува збор за катастарски општини со над 20 проценти неутврдени права на сопственост, опфатени со годишната Програма на Владата за 2017 за ажурирање податоци по службена должност.
Предвидените 31 катастарска општина за годинава се во надлежност на катастарските одделенија во Велес, Гостивар, Куманово, Македонски Брод, Свети Николе и Штип.
– Ги повикуваме сите граѓани и правни лица кои поседуваат имот во катастарските општини опфатени со програмата да поднесат барање до надлежното одделение за катастар каде што се наоѓа нивната недвижност и да ја приложат целокупната документација со која располагаат, како пресуди, договори, акти на државни органи, наследни решенија, поседовни листови со што Катастарот ќе изврши бесплатно запишување на правата на сопственост, рече денеска на прес-конференција директорот на Катастарот Славче Трпески.
Одделението за катастар на недвижности во Велес ќе врши бесплатно впишување право на сопственост во катастарските општини Габровник и Ораовдол, а одделението во Гостивар во Долно Јеловце, Тануше, Нистрово, Бибај, Рибница, Грекај и Нивишта, Сенце, Жужње, Богдево, Кракорница, Бродец, Горна Волковија, Куново и Добри дол. Во надлежност на кумановското одделение бесплатно впишување е предвидено во Рамно, Буковљане, Дренак и Магленце, во одделението во Македонски Брод се опфатени Зркле, Косово, Тополница и Самоков, во Свети Николе се катастарските општини Бериклија и Кишино, како и Шашарвалија, Вртешка и Калаузија во одделението во Штип.
Во електронскиот катастар вкупно се регистрирани 4.047.000 катастарски парцели. Бесплатно запишување права на сопственост, согласно Програмата, Агенцијата за катастар на недвижности спроведува од 2014 година по измените на Законот за катастар на недвижности. Опфатени се 420.000 катастарски парцели, во руралните подрачја, за кои не било доставено барање за впишување до истекот на рокот во 2012 година, до кога исто така бесплатно се вршеше премер и се издаваа имотни листови.
Како што информира Трпески, во 2014, 2015 и 2016 година, околу 100.000 катастарски парцели (60.000 со земјоделско земјиште и 40.000 со градежни земјиште) се изложени бесплатно и за нив е добиено право на сопственост. Лани со мерката за бесплатно запишување права на сопственост 4.000 граѓани и правни лица добиле имотен лист.
Вкупната заштеда на граѓаните и правните лица од досегашната реализација на овој проект, по основ на геодетски елаборати изнесува 6,3 милиони евра, рече Трпески, нагласувајќи дека стратешка цел на Катастарот е секоја катастарска парцела во Македонија да биде со утврдени права на сопственост.