(ВИДЕО) 122 невладини: Партиите, идната Влада, институциите и граѓаните да дадат поддршка, не постои „центар на моќ“

Од:

Нападот на граѓанските организации не е само пропагандна вест која се слуша по медиуми, тоа е напад на граѓанското општество, на честа, достоинството и угледот на граѓани кои тука се родени, живеат, работат или плаќаат даноци, а своите работа и ангажман, професионално или волонтерски, ги посветиле на подобрување на животот на сите граѓани во државата подеднакво, стои во обраќањето на 122 граѓански организации од цела Македонија.

– Граѓанскиот сектор како важен чинител во општеството беше постојан коректив на сите власти од осамостојувањето на нашата Македонија до денес и страшна е помислата во кој правец може да оди државата доколку овој нејзин столб биде загрозен и ослабен, рече Кристина Ампева.

Невладините ги отфрлаат како целосно неточни, погрешни и лажни вестите пласирани во јавноста дека граѓанскиот сектор го контролира некаков „центар на моќ“. Велат, во концептот и идејата на граѓанското општество, единствената моќ ја имаат граѓаните.

Извршната директорка на Фондација Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска рече дека за отчетноста и транспарентноста на организациите од граѓанскиот сектор говорат нивните годишни финансиски и наративни извештаи, организациските и проектните ревизии кои отсекогаш биле јавно достапни, како и редовното и темелно комуницирање со јавноста и граѓаните.

– Почитувани претставници на политичките партии во Република Македонија, почитувани претставници на Владата на Република Македонија, почитувани претставници на идната Влада на Република Македонија, почитувани претставници на институциите на Република Македонија, почитувани граѓани, во име на Уставот на Република Македонија, во име на уставно гарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат заради остварување на своите права и уверувања и во име на неприкосновеното право на секој граѓанин да го искаже својот глас и да не биде обележан и осуден за тоа, ве повикуваме да ги поддржите организациите, групите, заедниците и индививудите кои активно се залагаат за демократските вредности во Република Македонија. Да застанете во заштита и одбрана на граѓанскиот сектор кој 25 години дејствува како контролор и поддржувач на работата на институциите и да го одбраните граѓанското општество кое се залага за почитување на човековите права и слободи, рече Каранфилова Пановска.

Невладините велат дека поддршката е нужна бидејќи граѓанскиот сектор е еден од трите столба на општеството, заедно со јавниот и приватниот сектор.

– Одбраната на граѓанскиот сектор значи одбрана на соживотот на граѓаните со различни етнички припадности, одбрана на заложбите за повисок животен стандард, одбрана на борбата против корупцијата, одбрана на праведното судење, одбрана на слободата јавно да го кажеме тоа што го мислиме, одбрана на еднаквиот третман во болниците, одбрана на солидарноста и помошта што ја пружаме кон или примаме од нашите сограѓани. Сега, мораме да го заштитиме граѓанското општество во Македонија, рече Зекир Абдулов.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

НВО Инфо: Локалните власти да ја зајакнат транспарентноста при трошење на државните пари

Ана Ололовска

ВИДЕО: НВО бараат итно донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација

Ана Ололовска

Фондот за Западен Балкан ги помага капацитетите на регионалните НВО во борбата против организираниот криминал

Ана Ололовска

Перцепцијата на граѓаните за работата на општинските инспекции: Инспекторите повеќе ги штитат моќниците отколку јавниот интерес

Ана Ололовска

ФООМ донира 100 илјади долари за најзагрозените ромски семејства

Ана Ололовска

НВО: Новиот закон за основно образование е чекор напред во заштитата од дискриминација и насилство во училиштата

Ана Ололовска