Македонскиот ракометен вицешампион Металург попладнево пред своите навивачи ќе го одигра дуелот од СЕХА лигата со хрватскиот првак Загреб. Гостите ја имаат фаворитската улога, а со победа ќе успеат да се искачат на третото место на табелата и да бидат чекор поблиску до пласман на завршниот турнир Ф4.
Металург на претходниот дуел со унгарски Веспрем како што истакнаа од таборот на нашиот тим направил многу грешки, а за силен отпор потребно е тие грешки да бидат сведени на минимум. По заминувањето на Филип Талески во бундеслигашот Рајн Некар Ловен, Металург е ослабен, но тоа е шанса за другите млади играчи во тимот.
Натпреварот се игра во СЦ „Борис Трајковски“ ВИП Арена, а почетокот е во 17:45 часот.
Покрај овој дуел вечерва играат уште: Нексе и Горење.
Табела: Вардар 44 бодови (17 натпревари), Веспрем 41 (17), Цеље 30 (16), Загреб 28 (13), Мешков Брест 26 (15), Горење 12 (13), Нексе 12 (14), Металург 10 (14), Татран Прешов 10 (14), Извиѓач 3 (15).