Во Агенцијата за аудио и аудиомедиумски услуги денеска беа презентирани резултати од Истражувањето на медиумската писменост кај возрасната популација во Македонија, прво од ваков вид реализирано во земјата.
Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски рече дека е очекувано резултатите од ова истражување да бидат искористени за планирање на политиките, активностите и проектите за поттикнување на медиумската писменост во Македонија.
Врз основа на податоците од истражувањето, 62, 71 отсто од испитаниците одговориле со „често“ на прашањето дали медиумите различно информираат за исти настани, со „понекогаш“ одговориле 22, 85 отсто од испитаниците, а со „ретко“ 10, 97 отсто. 41, 96 отсто од испитаниците дека радиостаниците „често“ информираат различно за исти настани. Веб – страниците, според 37, 75 отсто од испитаниците, информираат „различно“ за исти настани, додека за дневните весници сметаат дека „често“ тоа го прават 35,59 отсто.
На прашањето што прават граѓаните доколку забележат големи и суштински разлики во информирањето за исти настани, 50,95 отсто рекле дека не ги отфлаат или не ги игнорираат сите објавени информации за тој настан, додека со „да“ одговориле 45,90 отсто. 62, 84 отсто рекле дека прифаќаат дел од содржината од секој медиум, а со „не“ одговориле 34,87 отсто од испитаниците.
Најголем дел од интервјуираните рекле дека во текот на минатата година не го изнеле своето мислење преку контакт со политичар или политичка партија (81,42 отсто), преку донирање средства за граѓанска или политичка кауза (89,76 отсто), преку потпишување петиција за поддршка на граѓанска или политичка кауза (88,51 отсто), преку учество во јавни, мирни демонстрации (82,67 отсто) или преку коментирање за политичко или граѓанско прашање во блог, на твитер или на социјалните мрежи (87,72 отсто).
Најмногу од испитаниците – 87,66 отсто рекле дека секој ден или речиси секој ден во последните три месеци гледале телевизија, додека во истиот тој период 67,76 отсто воопшто не биле во кино. 23, 70 отсто од испитаниците читале весници секој ден или речиси секој ден. Речиси 60 отсто од испитаниците користат интернет на својот мобилен телефон.
Во анкетата учествувале 1.523 испитаници на возраст од над 16 години преку интервјуа лице в лице во периодот од 14 декември до 8 декември 2016 година.
Истражувањето, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата, е реализирано како дел од активностите на Агенцијата за спроведување на Програмата за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија, а врз основа на прашалник подготвен во рамките на ИПА проектот „Зајакнување на административните капацитети на телата задолжени за телекомуникации и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски услуги“.
На средбата беше разговарано и за формирање и формат на функционирање на мрежа на медиумска писменост. Планирано е мрежата да биде формално востановена во првиот квартал од 2017 година, на посебен настан кога ќе биде потпишан и договор за соработка меѓу сите заинтересирани субјекти.