Македонија дел од заедничкиот софтвер на ЈИЕ за рано прогнозирање временски непогоди

Од:

Три милиони евра ќе вложи Македонија во опрема за брзо детектирање и најавување на временските неприлики, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Проектот веќе се подготвува, а целта е да обезбеди капацитет за обработка на огромен број информации кои треба да дадат што поточна прогноза.

– Таква опрема е неопходна за да можеме да собереме, а потоа и да обработиме, куп информации кои прецизно ќе ни кажат во кој правец се движат временските појави, што точно ќе се случува, што можеме да очекуваме и врз основа на тоа да преземеме соодветни мерки, изјави Цветков пред меѓународната конференција што ја организира УХМР.

Во тек е и набавка на ултра модерен компјутер кој, како што дополни дректорот на УХМР Оливер Ромевски, треба да пристигне во март годинава.

– Гледаме да ги направиме сите можни бај-пасови, а имаме план да се осовремениме во целост, почнувајќи од радари, за да бидеме конзистентни во се она што го даваме како информација, потенцира Ромевски.

Македонија ќе биде и дел од заедничкиот хидрометеоролошки софтвер на земјите во регионот. Овој т.н. Систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави во ЈИЕ (SEE-MHEWS-A) е всушност платформа на која, како што напоменаа Цветков и Ромевски, метеоролозите ќе ги идентификуваат потенцијално опасните појави и нивното влијание, особено ако тие засегаат повеќе земји.

– Земјите од регионот паралелно ќе ги следат временските појави за што побрзо и подобро детектирање, превенција и справување со непогодите. Притоа, ако хидрометеоролошкиот сервис на некоја држава нема можност да увиди одредени девијации во временските услови посебно во лето кога детектирањето е потешко, ќе се фузионираат информациите од други земји кои имаат пософистицирана опрема и кои можат да ја забележат потенцијалната појава, објасни Ромевски.

Системот, додаде, ќе обезбеди ефективни и тестирани алатки за прогнозирање опасни временски појави, како и евентуални можни влијанија преку единствена виртуелна платформа.

– Проектот е во насока на натамошно развивање на капацитетите во метеоролошкото и хидролошкото прогнозирање, како и во издавањето предупредувања за екстремни случувања, а е од суштинска важност за националните хидрометеоролошки служби од ЈИЕ. Во однос на временските услови, Македонија е безначаен фактор, премногу е мала територијално, а процесите се одвиваат на многу широк простор. Затоа не можете да се базирате на еден сервис, мора да имате соработка, подвлече Ромевски.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со ланските поплави во Скопско и Тетовско, директорот на УХМР посочи дека тие биле предвидени и соодветно пријавени. И министерот Цветков се надоврза, истакнувајќи дека временските неприлики може да се предвидат, но не може да се предвиди нивниот обем.

– Катастрофалната поплава лани беше предвидена. Најава имаше на 3 август. Поплавите се предвидливи, но не и нивниот обем зашто се работи за временски услови. Да можел некој да каже, тогаш немало да има поплави ни во Германија, Австрија, Хрватска,… Можеме да помогнеме во предвидувањето на временските непогоди, но тие не може да не се случат, потенцира Ромевски, повикувајќи се на ставот на претседателот на Светската метеоролошка организација Иван Дачиќ.

Според директорот на УХМР, се работи за многу брзи реакции и промени на временските услови кои може да се видат, но како ќе се развиваат кога ќе почнат е малку поспецифично да се одреди.

Цветков повтори дека за успешно справување со ризиците е неопходно инвестирање во современи и напредни технологии. – Навременото информирање за евентуални катастрофи, што може да се случат, не е важно само за земјоделците, туку и за сите граѓани, воопшто. Треба да ги предвидиме временските прилики, но не можеме да ги спречиме. Можеме да се повлечеме навреме или нешто друго да сториме, но катаклизмите не можеме да ги спречиме. Сепак е многу важно да ги имаме информациите што побрзо, истакна министерот.

Меѓународната конференција ќе се одржува три дена, до 9 февруари. Се организира во соработка со Светската метеоролошка организација и УСАИД како дел од проектот „Зајакнување на системот за рано предупредување на временски и хидролошки непогоди во регионот на Југоисточна Европа“.

Присуствуваат експерти од преку 20 земји, меѓу кои британски, шведски, руски, кинески,.., како и претставници од Светската метеоролошка организација и други европски организации од областа на метеорологијата и хидрологијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

Портокалова фаза, опасни температури над 40 степени

Катерина Ѓуровски

Пеколни температури, што да правите ако мора да сте надвор

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски