Во Спомен-куќата на Мајка Тереза денеска премиерно беше прикажан анимираниот филм „Мајка Тереза – пет збора“ од продуцентската куќа „Passo Alto“ од Барселона, Шпанија. Гласовите за филмот, кој трае 25 минути, ги позајмија актерите Снежана Конеска-Руси и Томе Витанов, а синхронизација е направена во студио Кларион. Филмот е во продукција на Пабло Марцет, кој има реализирано повеќе проекти од ваков карактер.
Филмот го погледнаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и третооделенците од основното училиште „Димитар Миладинов“ од Скопје.
– Анимираниот филм зборува за хуманата мисија на Мајка Тереза, за човечките доблести и високи вредности кои сите ние треба да ги почитуваме. Да си помагаме еден на друг, да шириме љубов, позитивна енергија и она што е највозвишено и вредно за секој од нас, за секој човек, тоа треба да се почитува, потенцира Канческа-Милевска. Додаде дека нашите институции се отворени за младата популација.
Според неа, свеста за подигнување на високите вредности, морални и човечки доблести кои секој од нас ги има и треба да ги почитува, е многу значајно да се негуваат од најмала возраст.
Канческа-Милевска изрази надеж дека Спомен-куќата на Мајка Тереза заедно со сите училишта со кои соработува, ќе им овозможи на учениците да го погледнат овој филм.
– Спомен-куќата на Мајка Тереза, која досега ја посетија над 600.000 посетители, негува хумана мисија, милосрдие, човечки доблести, секогаш да се помага и да се почитува, рече Канческа-Милевска.
Актерката Снежана Конеска-Руси истакна дека со нејзиниот колега Томе Витанов имале чест и задоволство да работат на овој проект и порача заедно да ги учиме нештата во животот, почнувајќи од добрината и да завршиме со љубовта.
Кустосот во Спомен-куќата на Мајка Тереза Цветанка Вучковска изрази благодарност до Министерството за култура кое, како што рече, секоја година ги поддржува проектите за едукација на најмладите.
– Хуманоста се учи од мала возраст. Досега беше реализирана сликовницата за деца, ќе се прави превод на англиски јазик, го имаме анимираниот филм. Планирана е и куклена претстава каде ќе бидат вклучени повеќе училишта и на крај ќе се направи манифестација во Спомен-куќата. Планирано е да биде од хуманитарен карактер, да ги научиме децата да направат една хуманитарна претстава, истакна Вучковска.
Спомен-куќата ја поседува оригиналната шпанска верзија, односно лиценцата за користење на филмот, која е отстапена бесплатно од страна на Пабло Марцет. Преводот на македонски јазик го направи Марија Ристовска, професионален преведувач од шпански.