На прес-конференцијата на РК Металург во пресрет на дуелот од СЕХА лигата со Загреб, тренерот Лино Червар, кој воедно е и селектор на Македонија се осврна на шпекулациите дека тој е можниот нов селектор на Хрватска.
– Чекав прес-конференција за да можам ова да го кажам, иако постојано добивам телефонски повици изминативе денови. Можам да кажам чесно, имам 66 години, не би сакал во мојата кариера во тие години некој со мене да се зафркава. Во Македонија сум осма година, 40 години работам како тренер и не признавам дека некој работи повеќе од мене. Но, не кажав дека сум најдобар. Медалите не се мојот најголем резултат. Како селектор на Македонија на СП во Франција бев со најмногу медали, повеќе и од Ривера, бидејќи Онеста веќе не е селектор. Мојот најголем успех не се медалите, туку што успеав да изградам добри луѓе и големи работници кои направија големи резултати, а беа деца од улица. Тоа е мојата цел како тренер.
Во своето излагање Червар демантира било каков официјален разговор со хрватскиот сојуз.
– Никој не може да ми го одземе правото да ја сакам Хрватска, мојата прва татковина, но и Македонија мојата втора татковина. Сметам дека нормално е моето име да се поврзува со функцијата селектор на Хрватска. Но, тврдам дека не сум имал официјален разговор за да бидам нивни селектор. Го почитувам мојот клуб Металург и Минчо Јорданов, главниот виновник што дојдов во Македонија. Како и Живко Мукаетов, првиот човек на РФМ која е моја голема поддршка. Не сакам да разговарам за Хрватска, ако веќе не сум разговарал со мојот клуб и РФМ. За сликите од Веспрем, можам да кажам дека таму разговарав со играчи кои во минатото сум ги тренирал, со кои имам освоено златни медали. Мојата приватност не е почитувана, а треба да се почитува. Мојот дом е во Хрватска и во Македонија, тоа ќе остане така засекогаш, заврши Лино Червар.